Пациентот од Велес, кој е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести како трет случај со потврдена конго-кримска хеморагична треска, рибарел покрај Вардар, па можно е болеста да ја добил од каснување на крлеж или друг инсект. Ова во изјава денеска го кажа д-р Милена Стевановиќ, директорката на Клиниката. Таа информира дека во саботата вечер, пациентот е примен како суспектен случај.
„Тој е примен кај нас, во добра општа состојба е. Лабораториските анализи покажаа дека има намалени тромбоцити, но со терапија сега се уредни. Можен начин на зараза е рибарењето, тој ловел риби покрај Вардар, каде што е влажно и има високи треви и трње. Тоа е една од опциите каде би можел да биде заразен. Ветеринари се вклучени во ова наше дијагностичко-епидемиолошко следење на конго-кримска треска во Македонија, тие се на терен и заловуваат инсекти и ќе ги испитуваат“, рече д-р Стевановиќ.
Пациентот не дал податок за тоа дека бил каснат од крлеж, односно кажал дека не забележал такво нешто. Д-р Стевановиќ вели дека имал една рана, за која допрва ќе се утврди дали е од крлеж или не. Taa кажа дека епидемиолозите веќе направиле анкети, лоцирани се контактите, па покрај неговото четиричлено семејство, уште петмина вработени во велешката болница се под медицински надзор.
Главниот преносител на оваа болест се инсектите, односно крлежите, но таа кажа дека заразата може да се пренесе и ако се консумира несоодветено третирано млеко и месо од веќе заразено животно.
„Во ризична група спаѓаат здравствените работници кои се во контакт со заболени пациенти, сточарите, риболовците, ловџиите кои може да се заразат со директни укасувања од инсекти. Овде спаѓаат и оние кои колат животни. Сега е топло, луѓето поминуваат многу време во природа. Со оглед на тоа дека станува збор за различна локација на појава на инфекцијата од двете претходни, треба да сме внимателни. Рибарите да носат високи чизми и соодветна облека, планинарите да носат високи чизми и високо качени чорапи. Здравствените работници да не го забораваат основниот редовен протокол за работа со секој пациент“, нагласува д-р Стевановиќ.
Во земјава досега се регистрирани вкупно три случаи со оваа болест. Првиот случај беше 27-годишна пациентка од Штип која почина, а од неа се зарази болничарка на Клиниката за инфективни болести во Скопје, која се лекувала на клиниката. Таа веќе неколку дена го прима лекот Рибаривин, кој беше набавен од странство, а се користи при тешки клинички слики на болеста. Д-р Стевановиќ денеска информираше дека пациентката е стабилна, опоравувањето е во тек и дека не се очекува појава на компликации.
фото: Архива