Три маркети, една аптека и тројца најголеми увозници на овошје и зеленчук се затворени на 15 дена поради непочитување на владините мерки за маржите

Осум правни субјекти од кои три маркети, една аптека и тројца најголеми увозници на овошје и зеленчук се затворени на 15 дена поради непочитување на владините мерки за маржите. Кај овие правни субјекти контролите утврдиле маржи до 70 отсто, вели директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски.

Освен клуч на врата, тие ќе бидат и парично казнети. „Се работи на уште 30 предмети во кои се опфатени сите големи маркети. Инспекторите се постојано на терен, контроли спроведуваме континуирано и така ќе продолжиме“, информираше на прес-конференција директорот на инспекторатот.

Од 24 февруари до 6 март се извршени 365 надзори во трговијата на мало и 64 во трговијата на големо со што се опфатени над илјада малопродажни и големопродажни места. Генералната оценка е дека мерките на Владата се почитуваат, но констатирани се и вкупно 36 неправилности и се издадени прекршочни платни налози од 42.000 евра.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека некои од трговците не се придржуваат до маржите и калкулираат маржи од 50 до 60 проценти, посебно оние коишто увезуваат овошје и зеленчук. „Ние точно знамеме што прават и ако мислат дека на тој начин со трикови ќе си ја играме оваа работа, се лажат. Нема како до сега, целта на Владата се граѓаните и така ќе продолжиме да функционираме“, вели Мицкоски.

Владата на Северна Македонија неодамна донесе мерка со која маркетите се обврзани да ги објавуваат цените на своите интернет страници. Цените на производите што маркетите ќе ги објават, мора да бидат исти со оние на рафтовите. Во спротивно, ќе следуваат казни од 500 до 10.000 евра, вели првиот човек на Државниот пазарен инспекторат.

Ваквата обврска произлегува од измените на Законот за заштита на потрошувачите, а важи за сите мали, средни и големи правни субјекти кои вршат трговија на мало. Тие ќе мораат, не само да ги објавуваат цените, туку и да ги ажурираат на дневна основа, а контролата дали го почитуваат законското решение ќе ја спроведува посебен инспекциски тим на ДПИ.

Секој трговец од малопродажбата со над 10 вработени е обврзан да ги објавува електронски цените на своите производи, независно дали продава железарија или бела техника.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, трошоците на животво февруари зголемени за 5 проценти, а цените на мало за 4,2 проценти на годишно ниво. Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во февруари во однос на јануари годинава, изнесува 0,5 проценти. Индексот на трошоците на животот во февруари 2025 година, во однос на февруари 2024 година, бележи зголемување од 5 проценти, а индексот на цените на мало зголемување од 4,2 проценти.

 

 

DW