Уапсен е струмичкиот бизнисмен Крмзов

Уапсен е струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, за кого беше отворена истрага за злоупотреби што се проценуваат на околу 15 милиони евра.

Како што информира Министерството за внатрешни работи (МВР), апсењето е извршено по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

„Од страна на полициски службеници, по насоки на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, лицето Р.К. е лишено од слобода“, се вели во соопштението од МВР.

Истрагата за случајот познат како „Крмзов“ е при крај, беше потврдено на брифинг со премиерот Христијан Мицкоски, во ноември минатата година кога и беше посочено дека наскоро ќе бидат објавени информации за злоупотреба на милионски суми поврзани со поврат на ДДВ на компании.

Во септември беше спроведена акција за даночно затајување во фирми во Струмица, Скопје и Гостивар. Тогаш беа приведени четири лица, а државниот јавен обвинител информираше дека е оформен предмет за даночна измама и за перење пари и дека се сослушани три лица, а за едно се предложени мерки за претпазливост.

 

 

 

slobodnaevropa.mk