Укинати се сите забрани за сообраќај за тешки товарни возила кои беа воведени поради снежните врнежи во земјава, но се препорачува внимателно возење и прилагодување на брзината кон условите на патот.
Според информациите од Авто мото сојузот на Македонија и јавното претпријатие „Македонијапат“ укинати се забраните на планинскиот превој Плетвар, Стража, Ѓавато, од село Рогачево до граничниот премин Јажинце, од Струга кон граничниот премин Ќафасан, Маврово-Дебар, како и од Крива Паланка кон граничниот премин Деве Баир.
Од Управата за хидрометеоролошки работи за денеска најавуваат променливо облачно време со сончеви периоди и постудено. Претпладне главно во јужните делови ќе има услови за локален снег. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5 степени.
Најстудено утринава било во Маврови Анови каде се измерени -8 степени, по што следуваат Крушево со -7 и Берово со -5 степени.
Највисока снежната покривка е во Дебар и Маврово (25 сантиметри). На Попова Шапка снежната покривка е 21 сантиметар, а во Крушево еден сантиметар.