Филипче ја одби понудата на Мицкоски за лидерска средба

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче ја одби иницијативата на премиерот Христијан Мицкоски за одржување на лидерска средба на 14 јануари.

Поканата, за која Мицкоски посочи дека има за цел да ги обедини парламентарните партии околу стратешките прашања на државата, а меѓу другото и за укинување на техничка влада, механизам воспоставен со Пржинскиот договор за да се гарантираат фер избори пред избори, Филипче ја отфрли уште пред официјално да биде испратена.

Според него, техничката влада мора да остане, бидејќи актуелната влада не владее демократски и предлогот го нарече сценарио за предвремени избори.

„Техничката влада беше воведена за тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ да не ги злоупотребува институците, а ние гледаме во оваа една и пол година дека ништо не е сменето. Продолжија со узурпација на сите институции. Тоа го видовме за време на локалните избори… Затоа што предлог-законите донесени во сферата на правосудството воопшто не ги следат насоките од оценската мисија на ЕУ, напротив, дозволуваат уште поголема злоупотреба на оваа власт на правосудните и на полициските институции“, изјави Филипче.

Премиерот Мицкоски кажа дека како теми кои ќе ги предложи за лидерската средба се законите од реформската агенда, изборот на Народен правобранител, укинување на техничката влада.

„Јас мислев дека со овој повик ќе покажеме зрелост и широчина и на тој начин како политички фактори ќе можеме да се обединиме, барем сите оние парламентарни партии и коалиции што имаат формирано пратеничка група во рамките на Собранието“, рече Мицкоски.

 

 

 

slobodnaevropa.mk