Франција ѝ дава „неограничена политичка поддршка“ на Црна Гора во завршната фаза од процесот за членство во Европската Унија. По работната посета на црногорскиот премиер Милојко Спајиќ на Елисејската палата во Париз во средата попладне, претседателот Емануел Макрон истакна дека „Франција стои на страната на Црногорците за да ги придружува на нивниот пат кон европската интеграција“.
Во минатото, Париз го забавуваше пристапниот процес и ја одложуваше формирањето на работна група за подготовка на договорот за членство. Причина за тоа беше уставната реформа што стапи во сила во 2009 година, според која за ратификација на договорот за пристапување во Франција е потребно, или мнозинство од три петини во двата парламентарни дома, или одлука донесена на референдум.
Скептицизам во Франција кон проширувањето на ЕУ
Проширувањето на Европската Унија е слабо прифатено во француската јавност. Овој став делумно произлегува од перцепираната загуба на влијание на Франција по источната експанзија на Унијата.
Поранешниот претседател Жак Ширак иницираше уставни измени со кои француските граѓани мора да се изјаснат на референдум за прием на нови членки. Подоцна, во 2008 година, неговиот наследник Никола Саркози воведе одредба според која мнозинство од три петини во Парламентот е доволно за ратификација.
Сепак, ова претставува висока пречка поради политичката фрагментација во Националното собрание.
За време на престојот во Париз, премиерот Спајиќ се сретна и со француски парламентарци. Во моментот поголемиот дел од пратениците имаат резерви кон понатамошно проширување на ЕУ.
Политичка неизвесност пред изборите во Франција
Мандатот на претседателот Макрон завршува во мај 2027 година, а прашањето за ратификацијата на евентуалниот договор за членство ќе му биде оставено на неговиот наследник.
Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека фаворит е Жордан Бардела од деснопопулистичката партија „Национално обединување“, кој се изјаснува против приемот на нови членки во ЕУ.
По средбата со Макрон, Спајиќ соопшти дека францускиот претседател ги признал достигнувањата на Црна Гора на патот кон Европската Унија. Тој додаде дека стратешката соработка меѓу двете земји е посилна од кога било.
Црногорскиот премиер му се заблагодари на Макрон за тоа што ја истакнал Црна Гора како пример за целиот Западен Балкан. Според него, напредокот на земјата им дава надеж на другите кандидати за членство во ЕУ.
DW




