Иранскиот револуционерен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, според државните медиуми, го отфрли барањето на американскиот претседател Доналд Трамп за безусловна капитулација. „Иранскиот народ е решен и ќе се спротивстави и на наметнатата војна и на наметнат мир“, порачал Хамнеи во телевизиско обраќање.
Тој остро ги предупреди САД против воена интервенција во конфликтот. Ова би предизвикало „непоправлива штета. Народот нема да ја заборави крвта на мачениците и нападите на нивната територија”, оцени иранскиот шеф на државата.
Според Хамнеи, Израел направил огромна грешка со своите напади и ќе биде казнет за тоа. Обраќајќи се до САД, Хамнеи изјави дека тие треба да знаат дека Иран никогаш нема да се предаде.
Хамнеи првично не беше прикажан за време на обраќањето. Неговиот глас исто така не се слушна. Според набљудувачите, ова веројатно ќе ги поттикне шпекулациите за можна непосредна замена на ајатолахот на чело на земјата. Во вторникот, американскиот претседател Доналд Трамп му се обрати на Хамнеи, кој, како шеф на државата, според иранскиот устав има последен збор за сите стратешки прашања, со отворена закана. „Точно знаеме каде се крие таканаречениот ‘Врховен лидер'”, напиша Трамп на платформата Truth Social. „Тој е лесна цел“. Но засега, Хамнеи е безбеден таму. „Нема да го отстраниме (убиеме!), барем не сега“. Трамп го предупреди Иран да не испукува ракети врз цивили или американски војници и предупреди: „Нашето трпение е при крај“. Во друг пост, Трамп напиша со големи букви – веројатно упатени кон Иран – „Безусловно предавање!“.
Во меѓувреме, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган јасно застана на страната на Иран и ги осуди израелските напади како „државен терор“. Тој нагласи дека Иран има јасно право на самоодбрана. Тоа е сосема природно, легитимно и право на Иран да се брани од израелските напади, изјави Ердоган. Според него, Иран е нападнат од „безобѕирна земја која не познава закон, правила и принципи“. Русија пак им се обрати на Соединетите Држави и предупреди да не учествуваат директно во израелската воена операција против Иран, што би претставувало закана со радикална дестабилизација на ситуацијата на Блискиот Исток, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, како што цитира новинската агенција Интерфакс. Русија е во контакт и со Израел и со Иран.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул апелираше до Иран да ги продолжи преговорите за неговата нуклеарна програма, а земјите од ЕУ, Германија, Франција и Велика Британија, се подготвени да посредуваат, рече Вадефул на прес-конференција со јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади во Берлин. За таа цел се потребни мерки за градење доверба од страна на иранското раководство. „Никогаш не е предоцна да седнете на преговарачка маса ако доаѓате со искрени намери“, оцени министерот.
DW