Чекор напред кон Маркова нога

Поврзувањето на двете Преспи, од македонската и од грчката страна на границата и отворањето на преминот Маркова нога е се поблиску до реализација. Во Лемос, Општина Преспа – Грција во четвртокот (05.06) се одржа средба меѓу министрите за внатрешни работи на Македонија и Грција, Панче Тошковски и Теодорот Ливаниос, како и евроамбасадорот, Михалис Рокас, на којашто се означи започнување на БорПрес2 фазата на проектот. Неговата цел е да се воспостави нов граничен премин меѓу Маркова нога и Лемос што ќе го намали времето на патување помеѓу Лемос и Ресен од два часа на само 40 минути.

Во проектот вреден над 7.7 милиони евра, 80% финансиран преку ИПА 3 програмата на ЕУ, се планирани реновирање на постојната полициска станица од македонска страна, изградба на нова зграда за царинска и полициска контрола на страна на Грција и развој на прекуграничната пешачка патека помеѓу селата Брајчино и Агиос Германос со цел промоција на еко-туризмот.
„Силата на Европа лежи во нејзиното единство и во мостовите што ги градиме преку границите – а не во ѕидовите што ги подигаме меѓу нас. Преку проектот БорПрес2, ја претвораме таа цел во практично, мерливо влијание. Овој проект е доказ дека европската интеграција не е далечна аспирација – тоа е жив процес, вкоренет во опипливи резултати: подобри патишта, безбедни граници и подобрен квалитет на живот за граѓаните на кои им служиме“, рече Тошковски.

По седум години од потпишувањето на Преспанскиот договор во март беше ставен првиот камен за изградба на граничниот премин Маркова нога. Доколку се реализираат плановите до 2028 година да завршат градежните работи за изградба на уште еден граничен премин, со кој ќе се поврзат Македонија и Грција, надежите се дека тоа за Преспа би значело целосна транформација – заживување на економијата и враќање на туристите на Преспанското Езеро, коешто со години е запоставено.

Еколошко будење на Преспа
Во исто време со проект за современо решение за отпадните води во Преспа ќе се штити Преспанското Езеро од неговото понатамошно уништување. Станува збор за проект на ЕУ во висина од седум милиони евра со кој ќе се изградат мрежи за собирање отпадни води и постројки за нивен третман во селата во Претор, Стење, Крани, Долно Дупени, Брајчино и Сливница.

„Светскиот ден на животната средина се одбележува со многу важен проект за преспанскиот регион, а тоа е третирање на атмосферските води со изведба на канализациони системи за да се зачува биолошката разновидност околу Преспанското Езеро“, порача во Претор, амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Михалис Рокас.

Претставникот на УНДП во земјата, Армен Григорјан, најави дека во наредниот период ќе се работи со управување на отпадните води и цврстиот отпад со цел да се зачува кревкиот еко систем на Преспанскоро Еверо и на тој начин да се заштити биодиверзитетот и да се подобри квалитетот на животот на локалното население. „Очекувам да се отворат многу подобри можности за економски развој преку туризмот и со нетрпение очекуваме успешно да заврши овој проект и да се остварат сите зацртани цели“, рече Григорјан. Според генералниот проект, освен во Претор, мрежи за собирање на отпадни води и постројки за нивен третман ќе се изградат и во Стење, Крани, Долно Дупени, Брајчино и во Сливница.

 

 

 

DW