Членовите на семејството на поранешниот политички лидер на босанските Срби
Радован Караџиќ, кој беше осуден за воени злосторства во војната во БиХ во 1990-
тите, го тужат американското Министерство за финансии поради тоа што се’ уште се на
списокот на санкционирани од САД.
Сопругата на Караџиќ, Љиљана, синот Александар и ќерката Соња, во тужбата до
федералниот суд во Вашингтон тврдат дека Канцеларијата за контрола на странски
средства (OFAC) на Министерството за финансии, која ги спроведува американските
санкции, неоправдано ја одложува одлуката дали да се укине санкциите, објави
„Индекс.хр“.
Тројцата беа санкционирани од американската влада во 2003 година, откако беа
осомничени дека му помагале на Караџиќ додека тој се соочуваше со обвинение за
злосторства поврзани со геноцидот врз муслиманите во Босна.
Семејството тврди дека не му помогнале на Караџиќ да го избегне апсењето.
Радован Караџиќ беше уапсен во 2008 година, а подоцна осуден на доживотен затвор
за неговата улога во масакрот во Сребреница, кога силите на босанските Срби убија
повеќе од 8.000 муслимански мажи и момчиња во јули 1995 година.
Неговото семејство соопшти дека во 2020 година почнало да поднесува барања до
Министерството за финансии да ги отстрани од списокот на санкционирани лица,
познат како списокот „Специјално назначени државјани“.
извор: „Индекс.хр“.