Јахоски се вратил од Истанбул и се пријавил во Кривичен, од Апелација велат дека не издаваат патни исправи

Асмир Јахоски, сопственикот на компанијата „Пуцко петрол“, претпладнево (2 јуни) се пријавил во Кривичниот суд Скопје, со што ја исполнил обврската за редовно пријавување во судот во рамки на истрагата за злоупотреби со мазутот за ТЕЦ Неготино, потврдуваат од Кривичен за МИА.

Како што соопшти денеска владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Јахоски, осомничен во врска со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, бил на патување надвор од државата.

Во соопштението се наведува дека Јахоски, кој го оштети Буџетот на државата за 167 милиони евра и за кого се води постапка, во моментов ужива на Босфор, откако добил домашен притвор за кривично дело перење пари и други приноси за набавката на мазут со сомнителен квалитет и потекло.

Како што појаснија од скопскиот Кривичен суд во текот на месец мај, од страна на одбраната на осомничениот, било доставено барање за враќање на патната исправа, односно издавање нова, кое било одбиено од Кривичен, по што по добиена жалба, предметот бил доставен на надлежно постапување во Апелациониот суд Скопје.

Од скопска Апелација велат дека тие не издаваат патни исправи, бидејќи тоа е обврска на други надлежни институции.

Портпаролот на Апелациониот суд Скопје, Љубиша Станковиќ вели дека одлуките во случајот се донесени во рамки на постапка по жалба на осомничениот.

 

 

 

slobodnaevropa.mk