Полскиот премиер Доналд Туск денеска (12 август) предупреди дека поттикнувањето на Полјаците против Украинците и некои антиполски гестови од страна на Украинците се сценарио на рускиот претседател Владимир Путин за поделба на Киев и Варшава.
„Решението на војната во Украина се приближува и Русија прави сè за да ги подели Киев и Варшава. Антиполските гестови на Украинците и поттикнувањето антиукраински чувства во Полска се сценарио на Путин организирано од странски агенти и локални идиоти. Секогаш истите“, изјави денеска полскиот премиер на „Х“.
Туск реагираше на неодамнешниот инцидент за време на концертот на белорускиот рапер Макс Корж, кој ги критикува белоруските власти и претседателот Александар Лукашенко, на Народниот стадион во Варшава на 9 август, кога еден од обожавателите на раперот разви големо знаме на украински профашистички националисти и Бунтовничката армија од Втората светска војна со името на Степан Бандера напишано на него.
Тоа знаме, Организацијата на украински националисти и нејзината вооружена фракција, Украинската бунтовничка армија, како и водачот на украинските националисти, Степан Бандера, се симболи за Полјаците на масакрот на над 100.000 претежно полски, но и чешки и еврејски селани во Волинија, во денешна западна Украина, во 1943 година.
На стадионот за време на концертот избувнаа тепачки, а полицијата мораше да интервенира.
Претходниот ден, неколку илјади обожаватели на белорускиот рапер се собраа на нерегистрирана и нелегална прослава на улиците на варшавскиот округ Вола, а полицијата уапси шест лица за поседување дрога, додека 25 учесници на собирот беа казнети за прекршоци.
slobodnaevropa.mk




