Планираниот пласман од годинешниов род од насадите со охридскa цреша на Ванчо Стојаноски од охридското село Орман, наместо на рускиот пазар би можел да остане дома. Но, ако нема брза разрешница на руско-украинскиот конфликт ќе страда целиот род од охридскиот регион, кој се проценува на повеќе од 800 тони.
„Ако се пласира таа во холандези, извозната цена од Македонија е околу 2,5 евра. Ако се пакува во пластична амбалажа по килограм, тогаш е помеѓу 4 – 4,5 евра“, вели земјоделецот Ванчо Стојаноски.
Стојаноски вели дека актуелната ситуацијата може да доведе до колапс и на целокупното земјоделско производство во државата.
„И наместо да се зголемуваат насадите на цреша, замислете една година, две или три години да имаме тотално ембарго за извоз на цреша на тие пазари, претпоставуваме што може да се случи. Ќе се обесхрабрат луѓето, ќе влеземе во трошоци, а некои веќе и се задолжуваат да ги одржуваат насадите“, додава тој.
Војната удри и врз превозниците, кои со години биле ориентирани кон овие пазари, а камионите од почетокот на војната се паркирани во своите бази и не вршат транспорт на стока во Русија, Украина и Белорусија.
„Заради проблемите кои се со бегалската криза во рамките на соседните држави, избегнуваат да прифатат превози, што ќе се одрази многу негативно на нивното севкупно работење, односно обезбедување на услови за одржлив раст и развој“, вели Биљана Муратовска од Асоцијацијата на превозници – МАКАМ ТРАНС.
Муратовска вели дека сето ова ќе донесе до голема прераспределба на европскиот транспортен пазар, а превозниците ќе бидат во потрага по други пазари во земји кои не се опфатени со воените случувања. Најмногу ќе страдаат малите фирми, што може да биде причина нивно затворање или застанување со работа.
„Тоа ќе доведе до намалување на производните капацитети кои произведувале за Русија претежно како еден голем пазар. Но, ни Украина не е за потценување која по територија и жители е голем пазар со над 45 милиони жители, што значи дека ни престојат големи кризи и големи штети на сите, особено на превозниците на Балканот, бидејќи сме меѓу поголемата група на превозници кои работат на овие дестинации“, додава таа.
И Стојаноски вели дека државата во една ваква ситуација треба да работи на изнаоѓање на нови пазари.
„Вие не можете преку ноќ да отворите нови пазари. Државата мора да биде помудра, да изнајде некое решение, што полесно да ги поминеме овие периоди, посебно ние земјоделците“, вели тој.
Во оваа криза од земјоделските производи најмногу ќе страдаат црешата и јаболката, чиј што пласман неколку месеци однапред треба да биде договорен.
А, од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство излегоа со свое соопштение каде велат дека случувањата со Украина е нов момент кое предизвика дисбаланс на пазарот, особено во делот на извозот на зеленчук и овошје. Секако дека Министерството будно ја следи состојбата со извозот на македонските земјоделски производи, се разгледуваат сите опции за други алтернативни пазари. Дополнително сите дипломатски претставништва ќе се искомуницираат со цел да се вклучат во изнаѓање на нови пазари. Оваа недела имаме договорена средба со дел од стопанските коморите, заеднички да најдеме решение, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
извор/фото: Глас на Америка