ИРЛ Анкета: Корупцијата и неспособноста на власта и опозицијата се виновни за кризата

Во Македонија 30 години системски се разградува енергетскиот сектор. Од земја во која во времето на социјализмот се градеа енергетски објекти, транзициските политичари ја претворија Македонија во држава во која енергетската независност и развојот на овој сектор е само на хартија и тоа во изборните програми на партиите. После секои избори, развојот на енергетскиот сектор се сведуваше на тоа политичари или блиски роднини и пријатели на политичари да увезуваат електрична енергија или нафтени деривати. Во последниве 15 години, во Македонија државната компанија за производство на струја, ЕСМ (поранешен ЕЛЕМ) успеа да го намали годишното производството од 6,200 GWh на само 3.200 GWh. Ако се знае дека на домаќинствата, на малите, средни и големи фирми, на јавните институции годишно им требаат 6.300 GWh електрична енергија, јасно е зошто граѓаните се преплашени дали ќе имаме струја и греење нареднава зима. Стравот е како ќе преживееме кога не се знае дали цената на електричната енергија од 50 евра ќе биде 200, 300 или 500 евра за мегават час, а инфлацијата си дивее и во септември беше 18,7%. Како граѓани секој ден се соочуваме со неверојатно високи цени и за да купиме килограм кашкавал треба да дадеме од 550 до 750 денари, за литар млеко 80 денари, а за векна леб до 60 денари. Добар дел од цените се високи затоа што електричната енергија е голема ставка во нивното производство, објави ИРЛ.мк.

Стравот од инфлацијата го победи стравот од повисоките сметки за електрична енергија. Вкупно 41% од 1815 лица кои одговорија на анкетата на ИРЛ се плашат за покачување на цените на основните производи потребни за живот, додека 32% се плашат дека следнава зима главен проблем ќе им бидат сметките за струја.

 

 

Но, овој страв кај граѓаните е во основа ист. Цената на електричната енергија е една од причините за поскапување на основните производи за живот. Ако се погледнат резултатите од анкетата, кои во целост ќе може да ги погледнете на крајот од текстов, стравот на граѓаните е засилен бидејќи едноставно немаат доверба во институциите и во политичарите. Не им се верува токму на оние кои во криза треба да ги дадат насоките и да ги изнајдат решенијата кои ќе им помогнат на граѓаните полесно да се справат со високите цени.

 

 

Граѓаните подеднакво не им веруваат на политичарите и од власта и од опозицијата, а не се доволно информирани за мерките што се преземаат. Исто така, од анкетата се гледа и дека граѓаните воопшто немаат контакт со своите пратеници кои би требало во Собранието да ги гласаат владините или самите да предлагаат антикризни мерки.

 

 

Граѓаните кои одговорија на анкетата, со огромно мнозинство од 85% ги потврдија досегашните истражувања на ИРЛ во областа на енергетиката, а тоа е дека ниту една влада не се трудела да ги зголеми државните енергетски капацитети.

 

 

Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) известуваше за енергетската криза преку серија на текстови. Во сторијата „Предавство“ објавивме како корупцијата и аматерите ја делегираа, а партиите ја спроведоа енергетската катастрофа. Истражувавме и како преку кроење на закони се создаде простор да се богатат поединци преку енергетскиот сектор, наместо да се инвестира во нови државни капацитети. Откривме дека поединци подеднакво добро пливаат во сите влади и дека државната компанија ЕСМ потроши 112 милиони евра народни пари за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, но сакаше да го скријат добавувачот бидејќи неговата фирма е еколошки озлогласена.

 

Текстот во целост на: ИРЛ.мк.