Вчера заврши првиот ден од амандманската расправа за Буџетот за 2023 година. Беа разгледани само три амандмани и истите беа одбиени од власта.
Сите три амандамани се од интерес на граѓаните, но колегите и колешките од мнозинството очигледно не работат за народот, истакна пратеничката од ВМРО ДПМНЕ, Благица Ласовска.
Во продолжение ја пренесуваме прес конференцијата во целост:
Со првиот од амандманите се бараше намалување на ДДВ од 18% на 5% за менструалните производи т.е. влошки, тампони и менструални чашки. Овие производи е потребно да се оданочат на исто ниво како фармацевстските производи и истите претставуваат здравствена неопходност, а управувањето со менстралното здравје е едно од основните човекови права. Доколку амандманот беше прифатен ќе им се помогнеше на 400 илјади жени во репродуктивен период кои заедно трошат годишно и над 100 милиони денари токму за оваа намена. Намалениот прилив по основ на ДДВ е незначителен споредено со можноста да се обезбеди еднаков пристап на сите жени до менструалните производи и со тоа да се подобри нивниот живот и здравје. Би се ублажила женската сиромаштија и би се подобрила социо-економската положба на жените и девојчињата. Девојчитањата на училишна возраст непречено ќе учествуваат во својот образовен процес. Ќе се намали бројот на вагинални инфекции кај жените и девојчињата, а со тоа и трошоците на државата за третирање на потенцијални инфекции и болести.
Иако пратеничките од СДСМ често знаат да кажат дека се борат за жените, вчера го послушаа министерот за финансии и го одбија предлог амандманот поднесен од пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија.
Останатите два одбиени амандмани се однесуваа на барањето на ВМРО – ДПМНЕ да се одложи прогресивното оданочување за уште една година и да се намалат акцизите на течните горива. Власта на СДСМ и ДУИ избира да ги казнува најпродуктивните и не се откажува од малку средства од буџетот како би се намалиле транспортните трошоци, а со тоа би се влијаело и на намалување на инфлацијата.
За крај би сакала да информирам за една трагикомична ситуација во која пратениците од власта не убедуваа дека со Буџетот за 2023та година не е предвидена даночна реформа, ниту пак во колкав обем ќе биде истата. Со денови Лукаревска наведува дека ќе се зголеми ДДВ од 5 на 18% за одредени производи, а листата се крие,никој не ја знае. Бектеши се фали дека после нова година цената на струјата нема да се зголеми, туку ДДВ ќе се зголеми од 5 на 10%, Бесими вели дека има закон со кој почнува прогресивното оданочување. Колегите од мнозинството ниту знаат што зборуваат, ниту знаат што гласаат, ниту некој во партија ги смета за битни да ги извести што се планира.
извор: ВМРО ДПМНЕ