По 20 години затвор, ослободена една од најпознатите шпиони од Студената војна

По повеќе од 20 години, Ана Монтес, една од најпознатите шпиони од Студената војна, заробена од САД, е ослободена од затвор.

65-годишната жена поминала речиси две децении шпионирајќи за кубанските власти додека работела како аналитичар во американската одбранбена разузнавачка агенција, пишува Би-Би-Си.

Откако беше уапсена во 2001 година, официјалните лица рекоа дека таа речиси целосно ги разоткрила американските разузнавачки операции на островот, додека еден рече дека е меѓу „најштетните шпиони“ фатени од САД.

Шефицата на контраразузнавањето за време на претседателствувањето на Џорџ Буш, Мишел Ван Клив, во 2012 година му рече на Конгресот дека Монтес „компромитираше сè, речиси сè што знаевме за Куба и за тоа како дејствуваме на Куба“.

„Значи, Кубанците беа добро свесни за се што знаевме за нив и можеа да го искористат тоа во своја полза. Покрај тоа, таа можеше да влијае на проценките за Куба во разговорите со нејзините колеги и имаше можност да ги проследи информациите што ги доби до други сили“, рече Клив.

По нејзиното апсење, Монтес беше обвинета за откривање на идентитетот на четворица американски шпиони и огромни количини доверливи материјали. Таа беше осудена на 25 години затвор, а судијата за изрекување казна ја обвини дека ја загрозува „целата нација“.

makfax.mk