Палестинскиот бодибилдер Дувејкат тренира во деветтата деценија од животот: „Духот не старее“

Осумдесет и едногодишниот Палестинец Беди Дувејкат, кој се занимава со бодибилдинг на окупираниот Западен Брег, изненадува со својот здрав изглед и покрај поодминатите години, пишува Анадолу.

Дувејкат, кој живее во Наблус на северниот дел на Западниот Брег, се чувствува како да има најмногу 35-40 години, благодарение на бодибилдингот со кој се занимава од 2005 година, по пензионирањето.

Тој раскажа дека секојдневно тренира и до два часа. Овој 81-годишник порача дека неговиот дух не старее.

„Во здраво тело има здрав дух. Човек кој се занимава со спорт станува психички поздрав. Спортот е навистина неопходен. Спортот е основен метод за лекување на некои лоши навики, особено затоа што ги одвраќа младите од пушење и го штити телото од многу болести“, рече Дувејкат.

Неговата страст за спортот датира од неговото детство.

„Се занимавам со многу спортови од мојата 12-та година, како одбојка, пинг-понг и бокс. Сепак, нашите приоритети се променија откако Израел го окупира Западниот Брег во 1967 година“, рече Дувејкат.

Две години беше во административен притвор во израелските затвори, а потоа е депортиран во Јордан во 1970 година.

Дувејкат рече дека се вратил на Западниот Брег во 1999 година.

„Откако отидов во пензија, имав многу слободно време. Еден ден видов опрема за вежбање кај еден пријател. Тогаш почнав да тренирам. По тој ден решив да се вратам на мојата страст од детството и редовно спортувам секој ден од 2005 година“, рече Дувејкат.

Текстот во целост на:Анадолу.
фото:Анадолу.