Подводните експлозии на гасоводите Северен тек минатиот септември биле изведени од тим нуркачи кои користеле 15-метарска јахта наречена „Андромеда“, објавија германските медиуми.
Весникот „Шпигел“ ја откри маршрутата на „Андромеда“ околу Балтикот, од нејзиното матично пристаниште во Росток на 6 септември преку германскиот остров Риген до данскиот остров Кристијансе, кој се наоѓа близу местото на експлозиите од 26 септември. Се проценува дека за саботажата биле искористени неколку стотици килограми експлозив, поради што експертите сметаат дека учествувало уште едно пловило.
„Шпигел“ објави дека еден од шестчлената посада на „Андромеда“ користел фалсификуван бугарски пасош, но германските истражители и натаму ја утврдуваат вистинската националност на саботерите, како и евентуална одговорност на некоја влада.
Повикувајќи се на американски разузнавачки извори, „Њујорк тајмс“ пред неколку дена објави дека нападот го извршила проукраинска група, во која можеби имало и руски и украински државјани, но дека владата во Киев не била вмешана. Украина исто така негираше дека има каква било врска со нападот.
извор: „Шпигел“