Уапсени четворица полицајци поради вмешаност во ранување на маж во Косово

Истражителите на косовскиот Полициски инспекторат синоќа уапсија четворица полицајци осомничени за вмешаност во ранувањето на Србин во близина на контролниот пункт на мостот Бистрица, во близина на Звечан, на северот на Косово, јавува Анадолу.

Во соопштението на Полицискиот инспекторат на Косово се наведува дека по спроведување на повеќе истражни дејствија во координација со Обвинителството, истражителите синоќа уапсиле четворица полициски службеници поради сомнение дека сториле кривично дело „непријавување кривично дело“, а еден од нив е осомничен за кривично дело „убиство во обид“ .

Со одлука на обвинителот, одредена им е мерка притвор до 48 часа. Истражителите на ИПК преземаат и други истражни дејствија со цел расветлување на сите околности на овој случај во целосна координација со државниот обвинител.

Како што е наведено, косовската полиција вчера во раните утрински часови ги известила истражителите на косовскиот Полициски инспекторат за случајот што се случил во доцните часови на 10 април на северот на земјата, при што било пријавено дека на магистралниот пат Митровица – Лепосавиќ било повредено лице од огнено оружје.

Врз основа на досега добиените информации и докази суспендирани се четворица полициски службеници, тројца не го пријавиле случајот, а еден службеник поради непријавување и учество во случајот.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свецла, ја информираше јавноста за апсењето на четворицата полицајци. Во објава на Фејсбук наведе дека, според првичните истраги, откако полицаецот дал знак да застане, возачот не застанал туку продолжил во правец кон Звечани. Потоа, полицискиот службеник со пиштол испукал кон автомобилот при што го повредил државјанинот М.Ј.

Косовската полиција вчера првично негираше дека е вмешана во размената или пукањето со огнено оружје во инцидентот за кој објавија медиумите на српски јазик, а подоцна објави дека суспендирала четворица полицајци, од кои еден е обвинет за непријавување на случајот и негова вмешаност во случајот со ранувањето на едно лице од српска националност со огнено оружје на мостот Бистрица, на северот на Косово.

Повредениот е згрижен во болничкиот центар во Северна Митровица и не е животно загрозен.

Поради инцидентот во кој беше повреден косовски Србин во близина на контролниот пункт на косовската полиција на северот на Косово, Европската Унија во Косово и американскиот амбасадор повикаа на брза истрага и изведување на одговорните пред лицето на правдата.

Канцеларијата на Европската Унија во Косово го осуди безбедносниот инцидент и повика на брза и темелна истрага за да се изведат одговорните пред лицето на правдата.

Американскиот амбасадор во Косово, Џеф Ховениер, најави дека Соединетите Американски Држави се загрижени за инцидентот и порача дека функционерите и институциите на косовската полиција мора да спроведат темелна и веродостојна истрага.

Амбасадорот Ховениер, исто така, изрази длабока загриженост поради првичното негирање од косовската полиција, што беше направено без доволно внимание.

„Оние кои се одговорни за криминални дела мора да одговараат“, напиша амбасадорот Ховениер на Твитер.

Во врска со овој инцидент реагираше Српската листа која најостро го осуди „обидот за убиство“ на Србинот Милан Јовановиќ од страна на специјалните сили на косовската полиција на мостот, на патот Северна Митровица – Лепосавиќ.

Српската листа бара итно повлекување на сите специјални единици кои, како што велат, незаконски се присутни на северот на Косово. Српската листа ги повика меѓународните претставници итно да го осудат „дивеењето на параполициските единици“ кои вршат репресија врз обичните граѓани.

Специјалните единици на косовската полиција се присутни на север, каде живее мнозинско српско население, а полицајците од српската заедница од северот на Косово, заедно со Српска листа, ги напуштија косовските институции на крајот на минатата година.

извор: Анадолу.

фото: Анадолу.