Во Турција утре се одржува вториот круг претседателски избори

Утре во Туркије се одржува вториот круг гласање за избор на претседател откако ниеден кандидат не успеа да го достигне прагот од 50 отсто во првиот круг одржан на 14 мај, јавува Анадолу.

Гласањето ќе започне утре (недела) во 8 часот по локално време и ќе заврши во 17 часот по локално време.

Регистрирани се над 60 милиони гласачи, од кои 4,9 милиони гласаат првпат.

Во земјата се поставени вкупно 191.885 гласачки кутии.

Според Врховната изборна комисија на Туркије, над 1,89 милиони луѓе (1.895.430) веќе го дадоа својот глас во турските претставништва во странство и на граничните премини до 10 часот по локално време во четвртокот.

Гласањето во дипломатските претставништва заврши во среда, а гласањето ќе продолжи на граничните премини до 17 часот по локално време во недела.

На изборите на 14 мај вкупно 1.839.470 турски државјани во странство излегоа на гласање на претседателските и на парламентарните избори.

Оние што не можea да гласаат во определеното време во земјата на живеење, ќе може да гласаат на граничните премини до 17 часот во недела.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган вчера ги повика луѓето да излезат на гласање.

„Утре да одиме на избори заедно за победа на Голема Туркије. Да ја отсликаме волјата што се манифестира на Парламентот на 14 мај за претседател овој пат многу посилно“, напиша Ердоган на Твитер.

„Да го започнеме Столетието на Туркије со нашите гласови“, додаде тој.

Милиони гласачи излегоа на гласање на 14 мај за да ги изберат претседателот на земјата и членовите на Парламентот што се состои од 600 места.

Народна алијанса на Ердоган освои мнозинство во Парламентот, додека претседателската трка отиде во вториот круг бидејќи ниту еден кандидат не доби просто мнозинство или повеќе од 50 отсто од гласовите. Ердоган водеше првиот круг со освоени 49,52 отсто од гласовите.

Ердоган во вториот круг ќе се соочи со Кемал Киличдароглу, лидер на главната опозициска Републиканска народна партија (ЏХП) и заеднички кандидат на шестпартиската опозициска Национална алијанса.

 

извор: Анадолу.

фото: Анадолу.