САД ја користат трансформацијата на енергетскиот систем во Европа за да го прошират своето геополитичко влијание на Балканот, пишува весникот Келнер Штат-Анцајгер. Со инвестиции во гасоводи, терминали за течен гас и долгорочни договори за снабдување, тие настојуваат да станат главен снабдувач со гас во регионот. Во Брисел расте загриженоста дека Европа на овој начин може да замени една зависност со друга.
Весникот наведува дека на маргините на економскиот форум во Дубровник, американски компании неодамна потпишаа договори вредни неколку милијарди долари. Еден од клучните проекти е изградбата на гасоводот „Southern Interconnection“, преку кој американскиот течен природен гас (LNG), што пристигнува на терминалот на хрватскиот остров Крк, треба да се транспортира до Босна и Херцеговина.
236 километри долгата гасоводна линија, со проценета вредност од 1,5 милијарди долари, ќе биде финансирана, изградена и управувана од американската компанија AAFS Infrastructure and Energy LLC. Компанијата има блиски врски со кругови околу претседателот Доналд Трамп.
Потиснување на рускиот гас
За Босна и Херцеговина проектот има стратешко значење. Земјата речиси целосно зависи од руски гас, кој пристигнува преку гасоводот „Туркстрим“ преку Бугарија и Србија. Владата во Сараево, преку специјален закон и без јавен тендер, и додели 30-годишна концесија на американската компанија за изградба и управување со гасоводот. Овој чекор предизвика критики во Брисел. Европската унија предупредува дека заобиколувањето на стандардите за јавни набавки може да ја загрози интеграцијата на земјата во европскиот енергетски пазар и да го отежни пристапот до фондовите од планот за развој на Западен Балкан.
DW




