Двајца судии поднесоа оставки од Судскиот совет – Се распаѓа ли судскиот совет?

Членовите на Судскиот совет Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимовски поднесоа оставки од функциите, потврдија за МИА од Судскиот совет.

Апелациониот судија Зоран Герасимовски и врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова беа избрани за членови на Советот на непосредни избори, од редот на судиите.

Оставките се депонирани денеска во архивата на Судскиот совет, а причините засега се непознати.Судијата Герасимовски, заедно со судиите Ивица Николовски и Мери Радевска, како и членката Весна Дамева, која не е од редот на судиите, гласаа против сите одлуки што следуваа по незаконското разрешување на Дамева од претседателската функција минатиот месец.

Оставките доаѓаат во период кога ова тело се соочува со низа критики кои ескалираа со контроверзното разрешување на претседателката Весна Дамева, која беше покренато од група членови поради човечките односи во Советот. Сепак, тоа ги засили шпекулациите дека заднината на сето ова е иницијатива за утврдување одговорност на судијата Енвер Беџети од скопскиот Апелациски суд за кого токму Судскиот совет утврди дека необјасниво девет месеци ја чувал првостепената пресуда во предметот „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување, која тој и неговите колеги во советот одлучија да ја укинат и да го вратат случајот на повторно судење.

 

извор:МИА