Пo заедничкиот документ на Германија и Франција, со кој се предлага постепена интеграција и забрзано проширување на ЕУ кон Западен Балкан, премиерот Христијан Мицкоски оствари одделни средби со германскиот канцелар Фридрих Мерц и со францускиот претседател Емануел Макрон, во рамките на Самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват.
Во објави на социјалните мрежи, Мицкоски информираше дека имал „пријателски и срдечни средби“, на кои биле разменети мислења за европските перспективи на регионот.
Разговори со Мерц
Пред почетокот на состанокот, Мицкоски изјави дека е исклучително задоволен од средбата со германскиот канцелар Фридрих Мерц,во рамките на Самитот ЕУ–Западен Балкан.
„Разменивме мислења за европските перспективи на регионот, предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан и важноста од продлабочување на соработката и европската интеграција. Ваквите средби претставуваат можност за градење нови партнерства и зајакнување на врските кои се од значење за иднината на регионот“, порача Мицкоски на социјалните мрежи.
Средба со Макрон
Премиерот Мицкоски објави фотографија од средбата со францускиот претседател Емануел Макрон.
„Пријателска и срдечна средба со францускиот претседател Емануел Макрон. Разговаравме за регионот, за прашањата важни за иднината на нашите граѓани и за европските перспективи – теми на кои долго време работиме. Франција е една од највлијателните држави во Европа, па затоа е важно да се разговара отворено, директно и со јасно изразени очекувања“, вели Мицкоски.
Во објавата додава: „Нашата цел е да градиме пријателства, да отвораме врати и да обезбедиме поголемо разбирање и поддршка. Продолжуваме посветено и со јасна цел цврсто да чекориме напред“.
Милошоски: Искрен и реален предлог
Од Струга, кадешто се одржува Конференција на парламентарните комисии за европска интеграција/прашања на земјите учеснички во процесот на стабилизација и асоцијација во Југоисточна Европа, пристигна и првата реакција од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, за нон пејпер документот што го предлагаат Германија и Франција.
Потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски оцени дека предлогот е „искрен и реален“, но дека не нуди целосно полноправно членство.
„Апетитот за нови полноправни членки не е толку голем како пред 13–15 години. Но, од друга страна, не се нуди статус кво, туку фазна интеграција во одредени сектори, зависно од исполнетите стандарди“, рече Милошоски.
Според него, можно е на Самитот во Тиват ова прашање да биде предмет на сериозна дебата.
Тој додаде дека Македонија треба позитивно да пристапи кон ваквата понуда и да влезе во разговори за постепена интеграција како преоден период кон полноправно членство. Милошоски посочи и дека, според неофицијални информации, Црна Гора има најголеми шанси да стане членка на ЕУ до 2030 година, додека за другите земји би важел моделот на постепена интеграција.
DW




