ЕУ и Западен Балкан- на маса делумна интеграција

Германскиот канцелар Фридрих Мерц ѝ припиша делумна вина на Европската Унија за тоа што земјите од Западен Балкан сè уште не ѝ се приклучиле на Унијата.

„Ако веќе 13 години не сме примиле нови членки, тоа покажува дека пропустите постојат и на страната на Европската Унија. И нив сакаме денес да ги надминеме“, изјави Мерц во петокот во Тиват, Црна Гора, пред почетокот на самитот ЕУ–Западен Балкан.

Тој се осврна на заедничкиот предлог на Германија и Франција за тоа како шесте држави од Западен Балкан уште пред полноправното членство да се поврзат поцврсто со Европската Унија.

Премиерот на Луксембург, Лук Фриден, изјави дека поддржува пристапување на една земја од Западен Балкан во наредните една до две години.

На прашањето кога Албанија би можела да стане членка, албанскиот премиер Еди Рама одговори:

„Постојат три работи што не можете да ги предвидите: Бог, сексот и Европската Унија.“

На самитот, покрај повеќето од 27-те земји членки на ЕУ, учествуваат и Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Северна Македонија, Косово и Црна Гора.

Особено Црна Гора, која од вкупно 33 преговарачки поглавја веќе има затворено 18, се смета за најсериозен кандидат за членство. Во јавноста веќе се споменуваше и 2028 година како можен датум. Сепак, сите 27 земји членки мора да дадат согласност и да го ратификуваат пристапувањето на национално ниво. Напредокот на земјата беше пофален и од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

Француско-германски план за постепена интеграција
Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон на самитот ги претставија новите идеи за тоа како земјите од Западен Балкан да се поврзат поцврсто со ЕУ и пред формалното членство.

Се предлага воведување на набљудувачки статус за овие земји во институциите на Унијата. Тие треба да бидат поинтензивно вклучени во процесите на носење одлуки и да добијат привилегиран пристап до единствениот пазар преку постепена интеграција.

Дополнително, се предвидуваат заеднички состаноци меѓу институциите на ЕУ и претставници на земјите од регионот за прашања од заеднички интерес.

Се разгледува и можноста да се отворат сите преговарачки поглавја со ЕУ, бидејќи 27-те земји членки и подоцна можат да одлучат дали ќе дадат конечна согласност за пристапување. Според Мерц, важно е на земјите да им се покаже дека имаат јасна европска перспектива.

Премиерот на Луксембург, Лук Фриден, сепак изрази резервираност:

„Не треба да создаваме нови чекални во кои земјите ќе чекаат предолго. Не треба да им даваме чувство дека воведуваме нова етапа.“

Сепак, и тој повика на забрзување на процесот:

„Мора да спречиме други држави како Кина и Русија да најдат место во овој вакуум.“

По разговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ, францускиот претседател Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, Мерц изјави дека е „охрабрен“ од текот на разговорите.

Србија се смета за особено сложен кандидат за членство, бидејќи одржува блиски односи со Кина и Русија и досега има ограничен напредок во преговорите со Европската Унија.

 

 

DW