Каратистите на „Макпетрол“ ќе учествуваат на турнир од светската премиер-лига

Шест членови на скопскиот клуб „Макпетрол“ викендов ќе учествуваат на турнир од светската младинска карате премиер-лига што ќе се одржи во Пореч, Хрватска. На овој силен меѓународен собир, којшто почнува утре и ќе трае до втори јули, се пријавени 3.193 спортисти од 72 држави.

Претставниците на „Макпетрол“ долго се подготвуваа за ова натпреварување и отпатуваа за да ја проверат својата форма преку соочување со спортисти од целиот свет. Оваа младинска лига е највисоко рангирано првенство од Светската карате-федерација (WKF).

Следните членови на карате-клубот „Макпетрол“ отпатуваа за Пореч: Јована Мицовска (постара јуниорка, У21, -61 кг.), Викторија Јовановска (постара јуниорка, У21, -61 кг.), Стефан Стојановиќ (постар јуниор, У21, +84 кг.), Витомир Трајковски (постар јуниор, У21, -84 кг.), Димитар Лозановски (постар јуниор, У21, -75 кг.) и Данило Божовиќ (постар јуниор, У21, -84 кг.).

На овој натпревар спортистите ќе ги предводи тренерот Петар Заборски.