СДСМ поднесе Декларација за Илинден и ги повика пратениците да ја поддржат

СДСМ денеска до Собранието поднесе Декларација за Илинден, најголемиот македонски државен празник. Пратеникот и портпарол на СДСМ Дарко Каевски изјави дека очекува оваа Декларација наскоро да се најде пред пратениците и ги повика сите пратеници без разлика од која партија доаѓаат, да ја поддржат и таа да биде усвоена од македонското Собрание.

„Оваа година се навршуваат 120 години од Илинденското востание и создавањето на Крушевската република. Идеалите на таа Република и тоа востание беа инспирација на идните генерации борци за слобода кои во 1944 година на Првото заседание на АСНОМ ја формираа првата македонската држава. Овие настани имаат големо значење за македонската историја и за борбата на македонскиот народ за слобода и сопствена држава“, рече Каевски.

Оддавајќи почит на пожртвуваноста на борците за слобода и демократија наша должност е, како што нагласи, постојано да го искажуваме нашиот восхит и почит кон сите оние кои ги дале своите животи за слобода, испраќајќи со тоа силна порака за заедништво, рамноправност и демократија.

„Сето ова е содржано во Декларацијата што денеска ја поднесовме до Собранието“, рече пратеникот Каевски.

Најавата за донесување на Декларација во пресрет на празнувањето на 120 годишнината од Илинденското Востание дојде веднаш по веста за бугарското Собрание за, како што е наречна „Декларација за Илинденското-Преображенско востание“ предложена од пратеници. Станува збор за говор на тројца пратеници во Собранието за одбележување на годишнината од, како што тие го нарекуваат, Илинденско -преображенско востание кое Бугарија го одбележува на 20-ти јули.

На 2 август се одбележуваат годишнините од почетокот на Илинденското востание, кренато во 1903 и заседанието на АСНОМ во 1944, кога биле поставени столбовите на државност.

Извор: slobodnaevropa.mk