IRL.MK: Газење врз граѓаните и правдата за спас на корумпирани политичари од СДСМ, ВМРО ДПМНЕ и ДУИ

Корист од скандалозните законски измени ќе имаат поранешни и актуелни функционери на ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ. Ако измените се изгласаат ќе се спасат плејада на озлогласени крадци со вакви дела од различни партии како Рамис Мерко, Драги Рашковски, Никола Груевски. Ќар ќе имаат многу корумпирани функционери кои биле судени во последните 10 до 15 години, бидејќи измените ќе важат ретроактивно за неправосилните предмети, а на сила ќе стапат веднаш, објави irl.mk.

Во само два дена скандалозните измени во Кривичниот законик ги минаа првиот филтер. Граѓаните беа шокирани кога вчера вечер се сподели веста дека по брза постапка се протнуваат измени во Кривичниот законик кои предвидуваат бришење на кривичното дело за злоупотреби на државни пари во тендери, како и намалување на максималната казна затвор за злосторничко здружение од 10 на 3 години, а кои ќе ги опфатат сите неправосилни случаи, започнати постапки и евентуални идни истраги.

Ова значи дека сите лица за кои сега се водат судски постапки за овие дела, како и сите лица за кои пресудите се неправосилни и имаат жалби на повисоките судови ќе се спасат од кривичен прогон или ќе добијат многу помали казни од постоечките. Впечатливо е дека сите измени кои се предлагаат треба да стапат на сила шест месеци по донесувањето, а само овие спорни измени ќе стапат на сила деветтиот ден од излегувањето на измените во „Службен весник“.

Владата на 29 август 2023 година на седница донела одлука да поднесе до Собранието предлог – закон за измени и дополнувања на Кривичниот законик. Во него се предвидуваат повеќе измени во делот на кривични дела извршени врз животната средина, меѓутоа, се предлагаат и измени кои се однесуваат на злоупотреба на службена положба и овластување, несовесно работење и злосторничко здружение.

ИРЛ контрактираше со министерот Кренар Лога и му постави прашање дали ги оправдува овие измени и зошто не е тој потпишан на проширената верзија. Тој одби да даде официјална изјава, но кратко прокоментира дека не смета оти овие измени се вистинско решение и поради тоа не ги потпишал тој ,туку заменичката Викторија Аврамовска – Мадиќ. Владата ги предложи измените до Собранието по скратена постапка и со европско знаменце, со образложение дека овие измени се усогласуваат со европските регулативи, особено со германски закони. Предлог – измените од вчера се во собраниска процедура и бидејќи се работи за скратена постапка, предлог – измените на брза лента ќе се најдат на гласање на пленарна седница.

Впечатливо е дека измените кои се однесуваат на кривични дела врз животната средина, проширената конфискација и други ќе треба да стапат на сила шест месеци по донесувањето на измените. Но, измените кои ќе им овозможат на поранешни, сегашни па и идни функционери да се спасат од кривичното дело поврзано со злоупотреби во јавни набавки ќе стапат на сила на деветтиот ден од излегувањето на измените во Службен весник. Рокот за стапување на сила за измените на кривичното дело злосторничко здружение е исто така на деветтиот ден од донесувањето на измените.

 

Текстот во целост на: irl.mk.