Македонскиот режисер Милчо Манчевски доби Специјална награда на фестивалот И-фест во Калабрија, Италија, каде тој е почесен гостин и каде се чествува на неговото филмско творештво со ретроспектива на комплетниот опус, од „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, „Бикини Мун“, „Врба“ и „Кајмак“ до кратките „Четврток“ и „Крајот на времето“, сооштија од неговата продјукција. Тој исто така одржал и мастерклас. Фестивалот објави и соопштение во кое изразува целосна поддршка и солидарност со Манчевски, осудувајќи го политичкиот прогон на кој е тој изложен од македонските власти затоа што пријавил корупција.
„Ме изненади наградата и ме потсети на зборовите на тогашниот директор на Венецискиот фестивал, Џило Понтекорво, кога ми ја врачуваше десеттата награда во иста вечер во Венеција: ‘Баста, сињор Манчевски’. Ја посветувам наградава на сите оние кои вредно работат на филмовите, без никој да знае за нив: истражувачи, публицисти, правници, дистрибутери…“, изјавил Манчевски.
Фестивалот во Калабрија се одржува во Националниот парк Полино, и покрај Манчевски годинава чествува и две италијански легенди, актерката Клаудија Кардинале и режисерот Франко Зефирели. Меѓу гостите се и оскаровците Пол Хагис и Куба Гудинг Јуниор и италијанските ѕвезди Франко Неро и Марија Грација Кучинота.
Последниот филм на Манчевски „Кајмак“ неделава продолжува со фестивалскиот живот. На 23 септември „Кајмак“ го отвора фестивалот во Тирана, Албанија, а ден претходно Манчевски ќе има официјална средба со градоначалникот на Тирана Ерион Велиај.
Следат фестивалите Балкан панорама во Измир, Турција, и „Avant&Una“ во Бихаќ, БиХ, а „Кајмак“ ќе продолжи со фестивалите и во текот на есента.
mkd.mk