Над 250 доброволци во борба против пожарите

Повеќе од 250 доброволни пожарникари од сите активни доброволни противпожарни друштва во државата учествуваа на постројување на пистата во касарната „Гоце Делчев“ во Општина Аеродром, во организација на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Тие ќе се вклучат во справувањето со огнените стихии во земјата.

Директорот на ДЗС и командант на Силите за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, порача дека доброволните пожарникари ќе имаат сè поважна улога во националниот систем за справување со пожари.

„Денес за првпат во нашата противпожарна историја на едно место се построени речиси сите доброволни пожарникари од активните доброволни противпожарни друштва. Целта е да покажеме дека доброволното пожарникарство претставува сериозна и организирана сила која може да биде значаен дел од националниот систем за гаснење пожари на отворен простор“, истакна Ангелов.

ДЗС бара дневна подготвеност на најмалку 120 доброволци
Според Ангелов, во текот на летната сезона секојдневно е потребно да има најмалку 120 подготвени доброволни пожарникари кои би можеле брзо да бидат ангажирани преку Тимовите за брз одговор на ДЗС доколку се појави потреба од интервенција на терен.

Тој ги повика сите членови на доброволните противпожарни друштва кои сè уште не се дел од тимовите на ДЗС да се приклучат и да потпишат договори за ангажман.

„Нашата цел е развој на доброволното пожарникарство преку јакнење на доброволните противпожарни друштва и нивно вклучување во системот за заштита и спасување“, нагласи Ангелов.

 

 

 

DW