Гоце Наумовски поднесе неотповиклива оставка од функцијата судија во Уставниот суд,само пет месеци по неговиот избор. Оставката е доставена до Собранието, а како што пренесуваат дел од медиумите, како причини Наумовски навел лични и професионални околности.
Ова е втора оставка на професор од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Уставниот суд во период пократок од една година, по повлекувањето на Јадранка Дабовиќ-Анастасовска во декември 2025 година. Фактот дека двајца универзитетски професори се повлекуваат од функцијата уставен судија во толку краток временски период предизвикува зголемен интерес во јавноста.
Уставниот суд не бил официјално известен
Според неофицијални информации од Собранието, „360 степени“ објави дека оставката на уставниот судија Гоце Наумовски е неотповиклива, а во образложението се наведени лични и професионални причини.
Од Уставниот суд соопштија дека судијата Гоце Наумовски не доставил официјална информација за оставката до институцијата, ниту пак до Судот пристигнала официјална потврда од Собранието. Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, добил потврда за оставката во телефонски разговор со претседателот на Собранието, Африм Гаши.
„До Судот, од страна на судијата Гоце Наумовски не е доставена официјална информација дека поднесува оставка. Судијата денеска беше отсутен од седницата. Официјална потврда не е пристигната ниту од Собранието. Претседателот Костадиновски единствено доби потврда за оставката во телефонски разговор од претседателот на Собранието, Африм Гаши“, соопштија од Уставниот суд.
DW




