Два авиони „ертрактор“ на ДЗС се вклучени во гаснење на пожарот кај селото Милетино

Два авиони „ертрактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) се вклучени во гаснење на пожарот кај селото Милетино во Општина Брвеница, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Во гаснењето на пожарот, во кој гори борова шума и ниска вегетација, од ЦУК велат дека учествуваат и 15 лица од ЈП „Македонски Шуми“ подружница „Лешница“ и два полициски службеника, а пожарникари од Територијалната противпожарна единица во Тетово се вклучени со специјализирано противпожарно возило – џип и со една цистерна за дотур на вода.

Пожарот кај селото Милетино вчера беше изгаснат, но од ЦУК велат дека во текот на ноќта бил повторно разгорен од ветрот кој го раширил и на нов простор.

„Ветрот го разгорел на места и внатре во изгореното, но и на работ на опожареното зафатил и нов простор. Дежурните ја следат ситуацијата, но ноќе секогаш не може да се интервенира“,

велат од ЦУК.
Утринава друг активен пожар според ЦУК има и кај селото Лознани во Општина Могила каде гори ниска вегетација, грмушки и нискостеблеста шума.

 

ЦУК