IRL: Срамен избор на членови на Антикорупциската комисија: Најдобрите минаа лошо, лошите минаа одлично

Kомисијата за селекција на новиот состав на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) го заврши бодувањето на кандидатите и според освоените бодови прворангирани се ревизорката Татјана Димитровска, судијката Софија Спасова Медарска, советничката за следење на корупција во јавните набавки во ДКСК Билјана Каракашова Шулев, советникот за спречување на судир на интереси во ДКСК Бесник Џемаиљи, ревизорот Зоран Богоевски, ревизорката Цвета Ристовска и Сервет Демири од ревизијата за пристапна помош за Европска Унија, објави irl.mk.

Ревизорката Татјана Димитровска ќе биде новата претседателка на Антикорупцсиката комисија. Димитровска доби максимални 100 поени од сите четворица пратеници од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Беса. Голем број бодови дал и заменик народниот правобранител 92. За разлика од нив претставниците на граѓанскиот сектор Снежана Камиловска Трповска и Никола Додов на оваа кандидатка и’ дале по 20 бодови. Татјана Димитровска е прворангирана со вкупно 532 бодови или просечни бодови 76.

Народниот правобранител Јован Андоновски одиграл клучна улога во кревањето на рејтингот на кандидатите кои минале слабо на интервју

Во Комисијата за селекција членуваа четворица пратеници, двајца претставници на цивилното општество и претставник на Канцеларијата на Народниот правобранител. Пратениците Кастриот Реџепи од Беса, Фаница Николовска од СДСМ, Берат Ајдари од ДУИ и Ели Панова од ВМРО ДПМНЕ на своите партиски членови и фаворити им давале најмногу бодови и нивното гласање било сосема спротивно од двајцата претставници на граѓанското општество: ​​Никола Додов oд Здружението за поттикнување и промоција на информатиката и назначен за член во Советот на соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор за областа медиуми и информатичко општество и Снежана Камиловска Трповска – претставник на Македонски центар за меѓународна соработка Скопје, назначена за член на Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор. Клучна улога во истиснувањето на независните кандидати одиграл заменик народниот правобранител Јован Андоновски. Тој им давал по сто или речиси по сто бодови на оние кандидати кои граѓанските претставници ги оцениле многу ниско, а коишто важат за лица со силен партиски грб, па така тие испливувале високо на ранг-листата.

Снежана Камиловска Трповска: Најдобрите извисија, слабите кандидати со лоши интерјвуа со највисоки оценки од партиите

Најдобрите минаа лошо, лошите минаа одлично, вака може да се сумира реакцијата на претставничката на граѓанскиот сектор во парламентарната комисија којашто ги бираше новите членови на Државната комисија за спречување на корупцијата.

„Изненадува како останатите претставници на Комисијата за селекција изнајдоа компромис токму и само за овие кандидати и покрај слабите интервјуа, одбивањето на кандидатите да одговорат на директни прашања за општествени состојби како процесот на заробеност на државата, високо профилни случаи кои се веќе предмет на работа на сегашната ДКСК, а се дел и од констатирани состојби од Извештајот на Европската Комисија за 2023 год, прашања поврзани со политичка и правосудна поврзаност, тргување со влијание, лобирање и сл“, се вели во издвоеното мислење на Камиловска Трпковска коешто утрово беше испратено до Комисијата за избори и именувања во Собранието којашто треба да ја потврди оваа листа на прворангирани пред да се гласа на пленарна седница.

Текстот во целост на: irl.mk.