Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) донесе пресуда во која се посочува дека на поранешниот министер за образование и за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, неоправдано му бил продолжуван домашниот притвор за случајот „27 април“.
Државата ќе треба да му плати оштета од вкупно 2.250 евра, во рок од три месеци од правосилноста на пресудата.
Судот во Стразбур утврдил дека недостигаат релевантни и доволни причини на неговото лишување од слобода и ненавремено биле разгледувани жалбите коишто се поднесувани за притворите, што е прекршување на член 5 ставови 1, 3 и 4 од Конвенцијата.
„Од 30 јули 2019 година до 21 август 2020 година (периодот релевантен за случајот пред Судот) на Спиро Ристовски 14 пати му бил продолжен куќниот притвор, поради ризикот од негово бегство. Писмените поднесоци на обвинителот како одговор на жалбите на Ристовски против 13 од налозите за продолжување не беа доставени до жалителот. Одлуките на Апелациониот суд со кои се отфрлаат жалбите на вториот жалител против наредбите за продолжување од 25 декември 2019 и 23 јули 2020 година, му биле доставени на 6 февруари и 25 август 2020 година соодветно. Во април 2023 година – како што објавија медиумите – апелациониот суд ја укина пресудата на Ристовски и го врати предметот на повторно разгледување. Тој се жалел според членовите 5, 3 и 4 од Конвенцијата на недоволни причини и одложено преиспитување на неговиот домашен притвор, како и на неиспраќање копија од писмените поднесоци на обвинителот“, наведено е во пресудата.
plusinfo.mk