Научниците открија вид џиновски морски гуштер што живеел во времето на диносаурусите

Научниците од Англија утврдија дека скелетните остатоци што ги пронашле во Мароко му припаѓаат на вид морски гуштер што живеел во океанот пред околу 66 милиони години, јавува Анадолу.

Станува збор за скелетни остатоци пронајдени во рудник во мароканскиот град Курибга, а истражувањето е спроведено од научници од Универзитетот Бат.

Утврдено е дека станува збор за новооткриен вид од фамилијата мосасаури, долг околу осум метри, со „страшно“ лице и заби како нож.

Научниците тврдат дека овој морски гуштер е еден од најголемите предатори во синџирот на исхрана во крајбрежниот појас на Атлантскиот Океан во Мароко.

Истражувањето покажало дека овој вид живеел во ист период како и диносаурусите, како што е тираносаурус рекс (T-рекс), пред околу 66 милиони години.

На овој изумрен вид рептил му е даден називот „кинџарија акута“ поради неговите остри заби.

Научниците дошле до ова име со комбинирање на арапскиот збор „кинџар“ што значи бодеж и латинскиот збор „акута“ што значи остар.

Деталните резултати од истражувањето се објавени на веб-страницата „Science Direct“ („Сајанс дајрект“).

извор:Анадолу.

фото:Анадолу.