„Биг Бенг“ (Големата експлозија) е прекарот кој во жаргонот на ЕУ му е даден на проширувањето на Унијата со десет држави на 1 мај 2004 година. Бројот на земји-членки преку ноќ се зголеми од 15 на 25. Континентот беше повторно обединет 15 години по падот на Ѕидот и крајот на советската власт во Источна Европа. Пред 20 години, од Естонија на север до Словенија на југ се славеше со народни фестивали и огномет, славенички говори и крешење рампи. Примени беа и медитеранските острови Малта и Кипар.
„Тоа беше силен сигнал за Русија, но не само тоа. Тоа ја покажа способноста на ЕУ да донесува силни одлуки, да се прошири и да ги исполни условите. Тоа излезе толку позитивно поради тоа што политичките услови во државите на ЕУ и земјите кои се приклучуваа беа поповолни отколку што се денес“, вели Тефта Келменди од тинк-тенкот „Европски совет за надворешни односи“ од Брисел.
Обединување без алтернатива
Проширувањето беше добра работа и за ЕУ и за десетте земји пристапнички, вели експертката за ЕУ, Келменди, во интервју за ДВ. Економскиот раст во земјите-пристапнички го зајакна европскиот внатрешен пазар. Демократијата, владеењето на правото и слободата на медиумите, според студиите на фондацијата Бертелсман, институт за општествено-политички истражувања во Германија, исто така зајакнаа.
Исклучок се Унгарија и Полска. Тамошните влади се оддалечија од европските вредности. Во Полска овој тренд се промени дури по промената на власта минатата година. Според индексот на трансформација на фондацијата Бертелман, балтичките земји, Чешка, Словенија и Словачка имаат највисоки оценки како „демократија во консолидација“. Полска и Унгарија се означени како „дефектни демократии“.
За проширувањето на ЕУ во 2004 година и подоцнежниот прием на Бугарија (2007), Романија (2007) и Хрватска (2013), немаше алтернатива, оценува експертот за ЕУ, Ханс Крибе од Бриселскиот институт за геополитика (БИГ). „Тоа беше неизбежно да се направи како одговор на историските пресврти и колапсот на Советскиот Сојуз и Источниот блок“, вели Крибе.
Се очекуваат уште два брана проширување
„Европската комисија секако ја игра својата улога на навивачки поддржувач на проширувањето“, вели Ханс Крибе. Внатрешно, сепак, постои свест дека од големиот бран на проширување ќе мора да се извлечат и поуки за иднината. Пред сè, ЕУ мораше да научи дека мора да стане поспособна за прием и дека мора да ги рационализира своите процедури и процеси. Засега нема план и временски хоризонт за ваква реформа на сегашната Европска Унија.
Притоа, веќе претстојат следни проширувања.Треба да бидат примени шест држави од Западен Балкан – од Босна и Херцеговина до Албанија. Украина, Молдавија и Грузија се последните земји кандидати кои би можеле да добијат експресен билет за ЕУ, особено поради заканата од Русија.
На државите од Западен Балкан постојано им се ветува приклучување. Подготовки, преговори, прилагодувања – сето тоа, по граѓанските војни во поранешна Југославија, се прави со децении. Канцеларот Олаф Шолц радо повторува дека сега е време конечно да се дејствува.
„Мислам дека нема да има следен Биг Бенг, тоа не би функционирало“, вели Тефта Келменди од Европскиот совет за надворешни односи. Шесте земји се премногу различни во нивниот развој и способност да се приклучат. Таа претпоставува дека ќе бидат примани едно по друго. Прво Албанија, Северна Македонија и Црна Гора. Србија и Косово мора да го решат спорот за државноста и малцинствата.
Во секој случај, не може да се чека додека да се решат билатералните конфликти на Србија и Косово. Тоа би значело другите земји да се направат заложници на овој конфликт. „Начинот на кој ЕУ се обиде да ја искористи перспективата на проширување за да ги реши билатералните проблеми не му помогна на регионот. Таа е премногу фокусирана на стабилизација, а не толку на економски развој.“
Пристапувањето на Украина во ЕУ – голем предизвик
Во споредба со балканските држави, Украина навистина би била „голема експлозија“ за Европската унија. Над 40 милиони луѓе, огромна земјоделска земја, најсиромашна во Европа, тешко погодена од војната што ѝ ја наметна Русија. Пристапните преговори треба да започнат наскоро со меѓувладина конференција.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, е сигурна дека Украина припаѓа во европскиот клуб. „Украина го направи својот европски избор. И знаете што значи тоа. Ние го направивме нашиот украински избор. Исто како што пред многу години одлучивме да внесеме толку многу држави во нашата Унија“, рече Фон дер Лајен во Европскиот парламент.
Приемот на Украина во ЕУ е исто толку неизбежен како и приемот на десетте држави пред 20 години, вели експертот за ЕУ, Ханс Крибе. Земјата се брани од Русија и за Европа. „Украина ја врши целата работа“, но на крајот луѓето во старите членки на ЕУ ќе треба да бидат убедени да се согласат со проширување. Ова ќе бара едногласност меѓу веројатно над 30 држави. Во некои треба да се одржат и референдуми.
Во моментов, вели Ханс Крибе, вистинските проблеми на ова проширување не се дискутираат за да не се исплашат Европејците. „Тоа е ризична стратегија. Во одреден момент ќе мора да се соочите со реалноста.“ Приемот во Украина ќе бара целосна промена во буџетот на ЕУ. Денешните нето-приматели на грантови и средства, на пример Полска или Унгарија, најверојатно ќе станат нето-плаќачи кои ќе треба да дадат пари на Украина и на другите посиромашни држави.
Да не се престанува да се сонува
„Тешко е да се предвиди кога ќе дојдат следните проширувања, но мора да се остане оптимист“, вели Јержи Бузек. Полјакот е член на Европскиот парламент од 2004 година, кога неговата земја влезе во ЕУ. Тој претходно беше шеф на владата и помогна да се подготви пристапот на земјата во ЕУ. „Кога бевме млади, тоа не изгледаше реално, но (пристапот) стана факт. Тоа значи дека треба да сонуваме и да се држиме до нашите соништа“, изјави Бузек во парламентот, мислејќи на идните земји кандидати.
Турција, која со ЕУ преговара за членство од 2005 година, најверојатно нема да се приклучи. Автократски управуваната држава сѐ повеќе се оддалечува од европските вредности. „Ова е безнадежен случај кога станува збор за пристапувањето“, вели експертот на ЕУ, Ханс Крипе од Институтот за геополитика во Брисел. Сепак, ЕУ треба да се стреми кон блиски, билатерални односи, привилегирано партнерство, бидејќи Турција има клучна геополитичка позиција кога станува збор за одбрана од Русија и миграциските прашања.
DW