Благодарници „Илинден“ за Мојсова-Чепишевска и Антоновски за особен придонес за македонското национално малцинство во Албанија

Македонското друштво „Илинден“ од Тирана им ги врачи благодарниците „Илинден“ на проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и ас. м-р Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Признанието им е доделено за особен придонес за македонското национално малцинство во Република Албанија.

Од името на Македонците од најголемото македонско друштво во Албанија, плакетите им ги врачи неговиот претседател, Никола Ѓурѓај. Како што е истакнато во образложението, признанието се доделува за особени заслуги со ангажман и постојани активности во насока на зачувување и одржување на националниот идентитет на Македонците во Република Албанија. Преседателот на Друштвото, Ѓурѓај истакна дека и овој пат, за ова традиционално признание биле предложени повеќе институции и поединци, но од предложените се избрани оние кои со својата работа најмногу придонеле за подобрување и дисперзија на сознанијата за животот, историјата и културата и зачувување на автентичната македонска традиција на македонското население во Албанија. Досегашни добитници на признанието се иклучиво најзаслужните за зачувување и одржување на националниот идентитет на македонското малцинство во Албанија, а одлуката годинешни добитници на благодарницата „Илинден’ да бидат и Мојсова-Чепишевска и Антоновски е донесена по повод 15-годишнината од формирањето на Друштвото.

По врачувњето на плакетите и искажување на благодарноста што им ја упатуваат Македонците од Албанија, Ѓурѓај оствари и работна средба со Мојсова-Чепишевска и Антоновски. На средбата се разменија идеи и мислења за содејствување во конкретни натамошни активности во областа на филологијата и културата кои се очекува да придонесат за заштита и афирмација на етничкиот, јазичниот, културниот, верскиот и историскиот идентитет на македонско национално малциство во Република Албанија. Истовремено, Ѓурѓај разговараше со Мојсова-Чепишевска и Антоновски и за продлабочување на соработка со нив преку неколку проекти кои ќе го зајакнат меѓукултурниот дијалог и ќе претставуваат нови мостови што ќе ги поврзуваат македонската и албанската култура.

 

vesnik-ilinden.com