По 1400 години отслужена Света Литургија во црквата на Свети Малахиј

За прв пат по 1400 години од римско-византиската ера, еден православен митрополит, Јорданскиот Христофор, одржа Света Литургија во древната римска црква на Свети Малахиj во Махерон – Мадаба во соработка со Министерството за туризам и антиквитети на државата Јордан. На Литургијата присуствуваа и монаси од Грција од Светиот Манастир на Свети Јован Крстител – Макрино.

За време на своето обраќање, Митрополитот Христофор направи кратко експозе на историјата на римско-византиската ера во областа Махерон и за тоа како Христијанството процветало во првите векови, кога Ерусалимската Црква назначила епископ со титула: „на Реката Јордан“. Исто така, се осврна на монашкиот живот кој бил распространет во Махерон и околу него, молејќи се за остварување на сериозниот напор да се трансформира бучниот живот на градот во мирот и тишината на пустината преку монашки аскетизам, така што пустината да процвета како со градови од манастири и монаси, со посредство на Свети Јован Крстител, заштитник на Јордан.

Високопреосветениот Митрополит на Јордан, исто така, му посака на Хашемитскиот крал Абдула II Ибн Хусеин, „Бог да го чува многу години за доброто на Јордан, на обединетото јорданско семејство, на нашата арапска армија и на нашите безбедносни сили кои се грижат за заштитата на нашата драгоцена земја Јордан.

Тој исто така, се молеше за крај на војната во Газа и за нејзините жители.

Тој изрази благодарност до Министерството за туризам и антиквитети, претставувано од почесниот министер Макрам Каиси и од други службеници, како и до директорот на антиквитетите на Мадаба Абдула Ал-Буарид и сите тимови кои соработуваа за организацијата на молитвата во овој римски археолошки локалитет.

Соработничките напори помеѓу Православната Црква и Министерството за туризам и антиквитети на Јордан имаат за цел оживување на духовниот живот во римските археолошки локалитети и зголемување на посетителите во археолошката област Махерон, за да добијат благослов и да го поттикнат и поддржат туризмот во градот Мадаба.

Древната римска црква на Свети Малахиј, којашто се наоѓа до ридот Махерон, каде што бил затворен и обезглавен Свети Јован Крстител од страна на владетелот Ирод Антипа, е изградена во 6. век по Христа и има уникатни мозаични подови и натписи на грчки јазик. Се смета за една од најголемите цркви до гората Махерон и беше откриена во 1990 година од Дирекцијата за антиквитети.

 

Бигорски манастир