ИВЗ е против идејата за „држава на Бекташкиот ред“

0
22

Исламската верска заедница во Македонија е зачудена и загрижена по најавите дека Албанија да му додели територијален суверенитет на редот Бекташи, суфиска шиитска исламска заедница. Ваквата можност ја најави неодамна албанскиот премиер Еди Рама кој рече дека ќе ги трансформира бекташките муслимани со седиште во Тирана, во суверена држава за промовирање умереност, толеранција и мирен соживот. Од Бектешката заедница во Македонија, со седиште во Тетово, засега не ги коментираат иницијативите коишто доаѓаат од Тирана.

Суверенитет како на Ватикан
Според најавите, редот на Бекташи ќе добие суверенитет идентичен со оној на Ватикан, управувајќи ги верските и административните прашања независно од Албанија. Државјанство ќе им биде обезбедено само на врвните верски членови и на оние поединци вклучени во управувањето со државата, додека раководството ќе биде од поглаварот на бекташите, Баба Монди, и советот што ќе го следи неговото верско и административно работење.

Но, генералниот секретар на ИВЗ, Ирсал Јакупи за ДВ вели дека ваквите иницијативи за воспоставување на „Суверенитетот на Бекташкиот ред“ во Тирана можат да бидат опасен преседан за иднината на секоја земја.

„Ја изразуваме нашата загриженост за јавните изјави кои зборуваат за „модерниот ислам“ или „албанскиот ислам“ или дури и за Исламската држава во Албанија. Овие термини немаат никаква врска со исламот како религија, која е универзална религија и се заснова на Куранот и пророчката традиција и ги почитува уставот и законите каде и да припаѓа“, е ставот на Заедницата на муслиманите во Албанија. На исто мислење се и припадниците на Исламската врска заедница во Македонија, дециден е Јакупи.

ИВЗ ќе бара одговори од институциите
Во ИВЗ се незадоволни што за ваквите иницијативи немало комуникација и расправа меѓу верските заедници и за нив дознавале преку „Фејсбук“. Најавуваат дека ќе бараат и одговори од надлежните институции околу регистрацијата на Бектешката заедница во Македонија, со седиште во Тетово, со којашто се во спор повеќе години. Велат дека комуникација имаат само со Бектешката заедница во Кичево, каде што во моментов исто така се случуваат структурни промени.

„Со внимание ги следиме активностите на Бектешката заедница во земјата. Планираме да побараме средба со МВР со цел да побараме одговори и околу регистрацијата на Бектешката заедница во Тетово од пред една недела, како и за нивните активности“, вели Јакупи.

Спорот околу тоа кои се вистинските бекташи во Македонија и кои се нивните духовни водачи трае подолго време. Бекташите од кичевско потпишаа спогодба со ИВЗ. Но, бекташите од тетовскиот крај каде се наоѓа познатото Арабати Баба Теќе тврдат дека единствена бекташка верска група во Македонија се тие и оти кичевски бекташи не постојат. Тие се жалеа во судот во Стразбур поради непочитување на верските права и слободи.

 

DW