Владата ќе се справува со нелегалното онлајн коцкање

0
18

Владата презема чекори за справување со нелегалното онлајн коцкање. Веќе се одржале состаноци со Агенцијата за електронски комуникации, Марнет, претставници на телеком операторите и директорот на Лотарија на кој се утврдени чекори како да се справат со овој проблем, со оглед на тоа дека се коцкаат и се поголем број на малолетници.

„Нашите најмлади се зафатени од оваа болест без никаква контрола, ниту се знае дали користат туѓи лични карти за да играат, ниту се знае колку средства користат, ниту се одлеваат и користат тие средства понатаму – дали се за финансирање на некои други нелегални активности. Но, пред се ова што ни се случува е болест на македонското општество. И справувањето со ова ќе биде примарна задача на Владата во наредниот период“, вели министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на симпозиум и промоција на Дигит Мак.

Прва фаза

Најпрво ќе се забранат домеини коишто се точка мк (.мк), кои приредуваат нелегални онлајн игри на среќа затоа што се во спротивност со Законот за организирање игри на среќа. Потоа се бараат начини за забрана на странски домеини коишто се присутни на македонскиот пазар, а коишто приредуваат нелегално игри на среќа.

„Треба да најдеме методологија како да ги забраниме овие веб-страници во Македонија затоа што нивната нелегалност е јасна, утврдена со законот, но нивното постоење тука е затоа што тие се регистрирани некаде во светот и лесно се пристапни за нашите граѓани“, вели Андоновски.

Во Лотарија на Македонија веќе се прават табели коишто утврдуваат кои точно веб-страници се најприсутни и каде најмногу се присутни македонските граѓани, на кои веб-страници најмногу се приредуваат тие нелегални игри на среќа.

Стотина страници – две најпосетени

Во моментот постојат стотина странски веб страници, но најкористени се две кои се присутни и се користат во Северна Македонија.

„Во првата фаза ќе треба да се работи со овие 100 да се забранат, но потоа според дискусијата која што ја имаме со претставниците на Лотарија тоа ќе биде континуиран процес. Постојано ќе треба да се ажурира оваа листа и постојано да се информира АЕК и телеком операторите за да нешто се случува за да може после постојано да се движат кон забрана на овие нелегални приредувачи на игри на среќа“, вели министерот.

Законот за електронски комуникации и дозволува на АЕК да даде препорака да се забрани пристап до определени веб-страници ако е тоа во спротивност со Законот за електронски комуникации или ако е во спротивност со други закони.

Владата на крајот на септември ги укина лиценците за онлајн игрите на среќа.

 

DW