Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрече 30 парични казни и 12 забрани за работа по 70 вонредни инспекциски контроли спроведени во Гостиварско поради проблемите со водата и важечката забрана за нејзина употреба. При контролите биле откриени повеќе неправилности, а уништени се и 18 килограми небезбедна храна.
Колку се почитува забраната за употреба на водата?
Кафулињата, пицериите, пекарниците, слаткарниците и другите оператори со храна во Гостиварско ја почитуваат забраната за употреба на водата, покажале вонредните инспекциски надзори на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Според АХВ, инспекторите извршиле 70 вонредни контроли во кафе-барови, пицерии, пекарници, слаткарници, сендвичарници, ќебапчилници, капацитети за производство и пакување овошје и зеленчук, како и кај други оператори со храна. Акцентот бил ставен на утврдување дали се почитува забраната за употреба на водата од гостиварскиот водоснабдителен систем.
„Кај операторите не се утврдени отстапки во овој дел. За послужување и за миење на садовите, работните површини и опремата се користела пакувана и безбедна вода. За послужување на гостите во угостителските објекти утврдено е дека се употребуваат пластични и хартиени чаши и прибор“, наведуваат од АХВ.
Откриени прекршоци и небезбедна храна
Иако забраната за употреба на водата била почитувана, инспекторите констатирале низа други недоследности. Кај пет оператори биле утврдени неспроведени мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, додека кај 18 оператори не биле извршени задолжителните здравствени прегледи на вработените.
Дополнително, затекнати биле 11 правни лица кои не биле регистрирани како оператори со храна во АХВ. Покрај глобите, ним им е изречена и привремена забрана за вршење дејност сè до нивно регистрирање.
При контролите, двајца оператори биле затекнати како пуштаат во промет небезбедна храна, во количина од 18 килограми. Станува збор за виршли, кисело млеко, јогурт, слајс-салами и путер, кои, како што информираат од АХВ, се нештетно уништени. За утврдените неправилности се изречени казни во вкупна вредност од 7.750 евра, како и 12 забрани за вршење дејност, опомени и наредби за отстранување на констатираните недостатоци.
„За побрзо надминување на состојбата со водата за пиење во овој регион и намалување на бројот на заболени лица, апелираме до операторите и граѓаните да ја почитуваат забраната за употреба на водата од градскиот водоводен систем“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.
DW




