Меланија Трамп контра политиката на Доналд Трамп за абортус

Поранешната прва дама на САД, Меланија Трамп, јасно ги поддржува правата за абортус во нејзината книга која треба да биде објавена за неколку дена, објави „Гардијан“ во средата (2.10). Сопругата на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп пишува дека жените треба да имаат право да одлучуваат дали сакаат да имаат деца „врз основа на сопствените убедувања и ослободени од какво било мешање или притисок од страна на владата“.

„Зошто некој друг освен самата жена да има моќ да одлучува што таа да прави со своето тело?“, пренесува весникот цитат од книгата „Меланија“, која ќе биде објавена во вторник. „Основното право на жената на индивидуална слобода и нејзин сопствен живот ѝ дава право да ја прекине бременоста доколку сака“, додава Меланија Трамп во своите мемоари. Овие изјави се во јасна спротивност со ставот на нејзиниот сопруг за ова важно изборно прашање.

Поранешниот претседател Трамп постојано ги потсетува тврдите конзервативци дека неговата номинација на тројца конзервативни судии во Врховниот суд доведе до укинување на националното право на абортус во САД по 50 години. Сега тој сака да им ги препушти соодветните законски прописи на поединечните американски држави. Многу од нив, по одлуката на Врховниот суд, значително ги заострија правата на абортус.

Сопругата на Трамп, од друга страна, очигледно има многу слична позиција за правата на абортус со неговата ривалка Камала Харис. Потпретседателката на САД и демократски претседателски кандидат е силен поддржувач на правото на абортус и гласен поборник за поништување на одлуката на Врховниот суд за укинување на националното право на абортус.

Според весникот „Гардијан“, Меланија Трамп пишува: „Ограничувањето на правото на жената да ја прекине несаканата бременост е исто како да ѝ се ускрати контролата врз сопственото тело“. Таа тврди дека има ваков став целиот нејзин живот.

 

DW