Нова визија, нов почеток, нова сила, одлична енергија… Ова се само дел од пораките на социјалдемократите по вчерашното продолжение на 29-иот и одржаниот 30-ти Конгрес на партијата, на кој партискиот претседател Венко Филипче најави отворена врата за сите кои ѝ мислат добро на партијата.
„Оваа партија не е ничија лична сопственост. Ниту на Бранко, ниту на Заев, ниту на Владо, Радмила, Димитар, а најмалку моја! Секој од нив низ годините ја носеше тежината на времето и одлуките, но и гордоста на партијата. Затоа СДСМ не смее и нема никого да заборави. Како лидер секогаш ќе подадам рака, ќе отворам врата за сите кои и мислат искрено добро на партијата. Ќе соработувам со сите за да се спротивставиме на лошите политики на власта“, порача Филипче.
Од споменатите поранешни челници на СДСМ, на вчерашниот Конгрес присутни беа двајца – Димитар Ковачевски и Владо Бучковски. Но, не присуствуваа и голем број истакнати социјалдемократи. Еден од нив е и Јован Деспотовски, член на СДСМ, кој досега бил член на партиско претседателство во три мандати до 2017 година и секретар за меѓународна соработка. Вели дека неприсуството не било по негова желба.
„Не присуствував на Конгресот. Би додал, за жал. Изостана покана и како гостин, што може да говори дека ставовите на актуелниот партиски врв за градење на единство во СДСМ остануваат празни зборови“, вели Деспотовски.
Вчерашниот 30-ти Конгрес на СДСМ беше најавен како пресвртница во делувањето на партијата, а за изборниот пораз, Филипче рече дека „тој пораз не е крај, туку шанса за нов почеток“. Вината за поразот ја лоцираше кај сите.
„За поразот не смее да ја шминкаме релноста, ниту да си префрламе одговорност секој на секого. Сметам дека е праведно, конечно сите да се убедиме и да прифатиме дека од различен агол сите сме виновни. Точно е, некој повеќе некој помалку, но секој на совеста го носи товарот дека во моментот нашата СДСМ се соочува со огромен предизвик за враќање на доверба на граѓаните“, порача претседателот на СДСМ.
Се игра на картата „кратко паметење”
Го прашавме Деспотовски – дали пораките од Конгресот индицираат дека во СДСМ се научени лекциите за грешките од претходниот период?
„Не изгледа така. Барем не според реакцијата на јавноста, на граѓаните, но и на нашите сопартијци со кои секојдневно комуницираме“, вели тој.
„Членовите на СДСМ, но и граѓаните бараат јасно да се дефинира одговорноста за поразот. За изневерените очекувања и надежи. Па, на тоа да се гради нова структура, нова политика и пораки. Она што добија е континуитет, за кој луѓето веќе се изјаснија, и тоа во огромен број – против. Добија сосема погрешно, би рекол и избрзано заострување на реториката кон нашиот политички опонент. Актуелниот партиски врв остава впечаток дека веќе игра на карта на ‘кратко паметење на луѓето’, што не е само погрешно, туку и има потенцијално штетни последици на долг рок“, вели членот на СДСМ.
Според него, граѓаните можеби се окупирани со своите секојдневни проблеми, ама воопшто не се ни прости ни глупави.
„Празни, популистички ветувања и предлози нема да го покријат впечатокот дека сме имале и повеќе од доволно време самите да ги реализираме. Впечатокот на неспособност и на подреденост само опстојува повеќе од она што е потребно. Ако лекцијата беше научена, првото за што партискиот врв – како континуитет на предходното време ќе направеше – ќе излезеше со едно извинување до сите кои ни веруваа, нѐ поддржаа и се бореа за нас“, вели Деспотовски.
DW