АГЕЛЕР: Освен тоа што на Груби и Беџети им е забранет влез во САД, во Вашингтон се разгледуваат и дополнителни санкции

Амбасадорката на САД во Македонија, Ангела Агелер денеска на прес-конференција информираше дека поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети се ставени на американската црна листа поради политичко мешање и обиди за оцрнување на судството во државата.

Таа подвлече дека на нив и на нивните најблиски им е забранет влезот во САД, а во Вашингтон во меѓувреме се разгледуваат и дополнителни санкции.

-Стејт департментот на Соединетите Aмерикански Држави вчера презедоа значаен чекор во борбата против корупцијата, со ставање на поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети на американската црна листа, поради политичко мешање во судството. Затоа, на нив и на нивните најблиски членови на семејството им е забранет влезот во САД. Во Вашингтон во меѓувреме се разгледуваат и дополнителни санкции, рече Агелер.

Како што рече, се надева оти со ова ќе покажат дека САД ги користи сите можни алатки за повикување на одговорност кон овие лица, чии криминални активности ја нарушуваат безбедноста, стабилноста и доброто владеење во Македонија.

-Согласно законот во САД, мора да ги ставиме на црната листа лица за кои постојат докази дека се вклучени во корупција, без оглед на нивните минати или сегашни функции. Велиме дека правдата е слепа, но таа мора да биде непристрасна и обејктивна за сите, без разлика на политичка партија, пол или етничката припадност, додаде Агелер.

Таа смета дека корупцијата во ниедна форма не треба да се толерира во оваа држава.

-Оние кои го поткопуваат владеењето на правото заради лична добивка, а на сметка на народот во С. Македонија, треба да разберат дека корупцијата има последици. САД ќе продолжи да повикува на одговорност за сите инволвирани во корупција, и се надевам дека судството и оние кои го спроведуваат законот во оваа држава ќе го направат истото. Граѓаните на оваа тоа го заслужуваат, додаде Агелер.

Агелер беше прашана и за стабилноста на земјава:

– Навистина се надевам дека ниту една политичка партија или личност би работела на дестабилизација на својата земја. Не гледам дека тоа може да биде во нечиј интерес, а особено не во интерес на граѓаните на оваа земја, изјави американската амбасадорка Анџела Агелер.

Прашана  дали разговарала со владини претставници за можна дестабилизација, Агелер рече дека секојдневно зборува со претставници на владата, бидејќи тоа и е работа, но дека не се сеќава на разговор за тоа конкретно.

– Затоа и имам фотографии со поранешни функционери, бидејќи тоа ми е работа. Но, конкретно за стабилноста на земјата, не се сеќавам на разговор за тоа конкретно, но разговарав со премиерот синоќа, веднаш по објавувањето на новите имиња на црната листа, бидејќи му ги пренесов објавите и разговарав повторно со него денеска. Навистина се надевам дека ниту една политичка партија или личност би работела на дестабилизација на својата земја. Не гледам дека тоа може да биде во нечиј интерес, а особено не во интерес на граѓаните на оваа земја, изјави Агелер, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конфернецијата за проширувањето на „црната листа“ на Стејт департментот на САД.

Улогата на лидерот, нагласи Агелер, без разлика дали во владејачката коалиција или во опозицијата, треба да биде во насока на обезбедување на стабилна, безбедна и просперитетна Северна Македонија.

– Тоа е тоа што граѓаните го сакаат. Не сакаат да има напори за дестабилизација, порача Агелер.

Тоа што граѓаните сакаат, подвлече Агелер, е да видат акција против корумпираните актери во земјава.

 

 

mia.mk