Американскиот претседател Џо Бајден се очекува следната недела да воведе нови санкции против руската економија, според американски функционер, како дел од мерките за зајакнување на Украина соочена со агресијата на Москва, пред Доналд Трамп да ја преземе функцијата.
Санкции се очекуваат, рече функционерот кој побара да остане анонимен, бидејќи администрацијата на Бајден денеска (9 јануари) објави нова воена помош од 500 милиони долари за Украина, која се очекува да вклучи проектили за противвоздушна одбрана, муниција и опрема за поддршка на борбените авиони Ф-16.
Враќањето на новоизбраниот претседател Трамп во Белата куќа на 20 јануари ги поттикна шпекулациите за дипломатско решение за ставање крај на инвазијата на Москва, но и стравот во Киев дека набрзина постигнатиот мир може да има висока цена.
Советниците на Трамп изнесоа предлози за ставање крај на војната во Украина, со кои практично во догледна иднина на Русија би и се отстапиле големи делови од украинската територија.
slobodnaevropa.mk