Министерството за финансии на Соединетите Држави (САД) денеска воведе санкции за Нафтената индустрија на Србија во рамките на новиот пакет кој е насочен кон субјектите во сопственост на руските компании, известува Анадолу.
Американското Министерство за финансии на својата официјална веб-страница објави дека од денеска бројни компании во Русија и пошироко се предмет на санкции.
„Новата одлука за енергетскиот сектор цели кон примарниот извор на приходи на Русија со санкции против Газпром и Сургутнефтегас, повеќе од 180 бродови и десетици трговци со нафта, даватели на услуги на нафтени полиња, осигурителни компании и енергетски официјални лица“, се вели во соопштението.
Меѓу санкционираните е и НИС АД Нови Сад, кој од 2008 година е во сопственост на руски Газпром.
Покрај НИС, санкционирани се и подружниците на Газпром во Казахстан, Киргистан, Луксембург и Таџикистан.
Сиот имот на овие компании, како и на другите подружници и партнери на Газпром во Русија, лоцирани во САД, се запленети, а санкциите вклучуваат и низа други последици, кои ќе бидат дополнително образложени.
Одлуките за санкции се во согласност со американската политика на целење на руската економија по нелегалната анексија на Крим и војната против Украина.
Со овие сеопфатни мерки, Вашингтон ја исполнува заложбата на Г7 за намалување на руските енергетски приходи, вклучително и блокирање на најголемите руски производители на нафта.