Бугарски пасош лани добиле 1.698 македонски државјани

Речиси 1.700 Македонци во 2024 година добиле бугарски пасоши, покажува најновиот извештај на Комисијата за бугарско државјанство, којшто го пренесуваат бугарските медиуми. Во него се наведува дека најголем број државјанства се доделени врз основа на бугарско потекло или натурализација.

Најголем број од оние кои добиле државјанство на Бугарија во 2024 година биле од Украина (2.436), потоа Турција (2.163), Молдавија (1.887), Северна Македонија (1.698), Албанија (1.328), Србија (847), Русија (474), Израел (260), Сирија (150) и Аргентина (108).

Според извештајот, вкупно 16.500 лица минатата година добиле бугарско државјанство, што е за 4.000 повеќе од 2023 година. Последен пат кога бројот на државјанства ја надминал бројката од 16 илјади е во 2020 година, додека во 2021 интересот опаднал на 15.171 барања. Во 2022 година имало 7.410 лица кои добиле бугарски пасоши, а во 2023 година бројката се искачила на 12.205.

Според извештајот, во 2024 година биле издадени 227 декрети за промена на бугарското државјанство, а над 11.700 лица го добиле по основ на потекло или општа натурализација.Одбиени биле речиси 6.000 барања за бугарско државјанство.

Бугарско државјанство по заслуга добиле вкупно 18 лица – едно од областа на културата и 17 спортисти.

 

 

DW