Унгарија ја поддржува Северна Македонија на патот кон зачленување во Европската унија (ЕУ), а и двете земји се за мир во Украина што го покажаа со поддршката на Резолуцијата на Соединетите Американски Држави (САД) во Обединетите Нации (ОН), рече унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, по средбата со македонскиот министер за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски на 3 март во Будимпешта.
„Ние и Република Северна Македонија сме на страната на мирот. Го поддржуваме претседателот Трамп и исто така успехот на американско-руските разговори бидејќи јасно гледаме дека мирот може да се постигне само преку американско-руски договор. Македонците и Унгарците сме заинтересирани за враќањето на мирот и тоа го покажува нашата соработка од минатата недела во ОН кога ја поддржавме Резолуцијата на САД. На крајот беше усвоен предлогот на САД“, рече Сијарто на заедничка прес-конференција.
Постојано слушаме дека одлуката за членство во ЕУ треба да биде заснована врз основа на заслуги и Унгарија се согласува со тоа, посочи Сијарто, нагласувајќи дека овој принцип треба да се применува кон сите.
„Не може да се смета за заслуга ако има несогласувања меѓу држава земја членка и земја кандидат. Како што видовте ние секогаш сме се залагале за полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ и затоа го потпишавме овој денешен договор“, рече шефот на унгарската дипломатија.