Трамп бара санкции за ЕУ поради Законот за дигитални услуги

Набрзо по постигнувањето трговско примирје со Доналд Трамп, Европската Унија повторно се најде на нишан на американскиот лидер, откако тој се закани дека ќе ги казни земјите кои се обидуваат да ја ограничат моќта на големите технолошки компании.

Брисел усвои моќен правен арсенал насочен кон зауздување на технолошките гиганти — главно преку Законот за дигитални пазари (DMA), кој се однесува на конкуренцијата, и Законот за дигитални услуги (DSA), кој се фокусира на модерирање на содржина.

ЕУ веќе изрече високи казни на американски корпорации како Мета и Епл, според новите правила, кои наидоа на силен отпор од администрацијата на Трамп.

Трговскиот претставник на ЕУ, Марош Шефчович, минатата недела инсистираше дека Брисел успешно „ги држеше овие прашања надвор од трговските преговори“ со Вашингтон — и дека „регулаторната автономија“ на Унијата не е предмет на дискусија.

Но, иако не ја спомена ЕУ експлицитно, американскиот лидер во понеделникот (25.08) внесе нова неизвесност, заканувајќи се со нови тарифи за земјите со регулативи кои, според него, имаат за цел да „наштетат“ на американската технологија.

Потиснување на конзервативните гласови
Размислувањата во администрацијата на одат во насока на воведување санкции против Европската Унија или официјални лица од земјите-членки кои се одговорни за спроведување на Законот за дигитални услуги (ДСА).

Таквиот потег би бил без преседан и би ја засилил борбата на администрацијата на Трамп против она што таа го смета за обид на Европа да ги потисне конзервативните гласови.

Високи претставници на Стејт департментот сè уште не донеле конечна одлука дали да продолжат со казнените мерки, кои најверојатно би се манифестирале преку визни ограничувања, велат изворите.

Не е јасно кои официјални лица од ЕУ или земјите-членки би биле цел на овие мерки, но американски претставници минатата недела одржале интерни состаноци на оваа тема, велат изворите.

Трамп во понеделник им се закани на земјите кои имаат дигитални даноци со „дополнителни тарифи“ на нивните производи, ако не ја укинат таквата легислатива.

Иако трговските партнери често се жалат на домашни правила кои ги сметаат за неправедно рестриктивни, санкционирањето на владини претставници поради таква регулатива е исклучително ретко. Односите меѓу администрацијата на Трамп и Европската Унија веќе се нарушени поради закани со тарифи и напнати преговори, како и критики од САД за третманот на американските технолошки компании.

Повикувајќи се на внатрешна депеша од Стејт департментот, Ројтерс овој месец објави дека администрацијата на Трамп им наредила на американските дипломати во Европа да започнат лоби кампања за да изградат отпор кон Законот за дигитални услуги, со цел да се измени или укине.

 

 

 

DW