Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на состанокот со новиот командант на мировната мисија на НАТО во Косово (КФОР) турскиот генерал-мајор Озкан Улуташ, истакна дека нејзината земја се соочува со „закани од беспилотни летала“ од Србија.
На состанокот со генерал-мајор Улуташ, кој минатата недела ја презеде функцијата командант на КФОР, Османи разговараше за безбедносните случувања, објави кабинетот на косовскиот претседател.
„Разговарајќи за безбедносните случувања и заканите што доаѓаат од Србија, вклучувајќи ги и заканите со посебен фокус на употребата на беспилотни летала, претседателката ја нагласи важноста на координацијата и соработката на КФОР со нашите безбедносни институции со цел да се спречат дестабилизирачките тактики на Србија“, пишува во соопштението.
Косовските власти кон крајот на септември изјавија дека воздушниот простор на Косово бил нарушен од според сомневањата, српски беспилотни летала.
Сепак, ниту вршителот на должноста министер за внатрешни работи Џелал Свекла, ниту директорот на косовската полиција Газменд Хоџа не дадоа дополнителни детали за тие наводи или кога се случиле тие сомнителни дејствија.
Од друга страна, КФОР за Радио Слободна Европа на 26 септември соопшти дека не евидентирале никакво нарушување на воздушниот простор на Косово од страна на беспилотни летала од странство, што би можело да влијае на целокупната безбедност на земјата.
slobodnaevropa.mk




