Косовската полиција ги негираше наводите на медиумите во Србија кои вечерта на 16 ноември објавија дека „група Албанци пукале врз припадници на српската армија во близина на базата „Дебела Глава“.
Косовската полиција наведува дека станува збор за неосновани информации кои „не одговараат на никакви официјални информации или настани потврдени од властите на територијата на Косово“.
„Врз основа на сите оперативни податоци, извештаите на полициските единици на терен и координацијата со други надлежни институции, не е регистриран ниту еден инцидент од ваков карактер. Објавувањето на вакви неточни информации придонесува за создавање лажни перцепции и зголемување на непотребните тензии во граничните области“, наведува косовската полиција.
Оттаму исто така додаваат дека треба да се напомене дека полициските единици во неделата уапсиле четворица ловџии со српско државјанство за нелегално преминување на границата и нелегално поседување оружје, кои влегле на територијата на Косово од правец на Србија.
„Пронајденото оружје и муниција беа конфискувани, додека осомничените, според одлуката на надлежните судски органи, беа приведени во согласност со законските процедури“, се додава во соопштението.
Косовската полиција не одговори на прашањето на Радио Слободна Европа за националноста на притворените српски државјани.
slobodnaevropa.mk




