Македонската држава ќе биде столб на Македонците во светот каде и да се, држава којашто е нивна татковина, држава којашто со отворени раце ги чека да дојдат дома и да бидат заедно со Македонците во Македонија.
Ова е пораката на премиерот Христијан Мицкоски, кој вчера на покана на македонското здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија” присуствуваше на отворањето на новата канцеларија на здружениете, придружуван од Генералниот секретар на партијата Ѓоргија Сајкоски и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска.
„Пред присутните ја нагласив и можноста на Македонците во Албанија да имаат свој клуб, можност за здружување, можност слободно да работат на зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, можност што ја немаат Македонците во Пиринскиот дел на Бугарија, кој во 21. век се спречени да регистрираат невладино здружение, не можат да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и умни и ве уверувам дали сега или во периодот којшто следи, ќе дојдеме до таа цел“, порача Мицкоски.
Чекор за посилно поврзување
Фотографии од настанот премиерот објави на неговиот профил на Фејсбук.
„Мене ми е драго што на сите овде ни е јасен тој наш вековен автентичен македонски корен и наш вековен македонски идентитет. Како што можам да забележам македонскиот јазик се негува и се чува и тоа особено ме импресионира вечерва”, ги пренесе и партијата пораките на премиерот.
Импресии од настанот сподели и Генералниот секретар, Сајкоски.
„Горди сме што нашиот глас, идеи и активности продолжуваат да се шират и надвор од границите. Ова е уште еден чекор кон посилно поврзување со нашите граѓани, поддржувачи и пријатели. Заедно создаваме поцврста иднина и силна поддршка за сите наши граѓани каде и да се“, објави тој.
Според Пешевска, посетата на новата канцеларија на здружението во Тирана е основа за јакнење на заедницата, на место каде Македонците во Албанија ќе можат да создаваат, да се поврзуваат и да го негуваат својот јазик, својот идентитет и својата историска меморија.
Веста за отворањето на новата канцеларија на македонското здружение е нотирана во бугарските медиуми.
„Мицкоски на отворањето на канцеларијата на здружението ‘ВМРО-ДПМНЕ Албанија’: Македонците во Пиринскиот крај ја немаат оваа можност“ (БТА), „Мицкоски се жали во Тирана за ‘Македонците од Пиринскиот крај'” (Факти.бг.), се дел од насловите со кои тие ја пренесоа информацијата.
Средбата на Мицкоски со ова претставниците на здружениете му претходи на неговото учество на самитот „Нашиот план до ЕУ“, што почна денеска во Палатата на Бригадите во Тирана, на кој, лидерите од Западен Балкан и комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, разговараат за планот за раст, економската интеграција и регионалната трансформација кон единствениот пазар на ЕУ. Македонскиот премиер ќе се обрати на панел дискусијата насловена „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“.
DW




